СЕК ја казни Дојче банк оти вработувала роднини на државни чиновници во Кина и Русија
Американската Комисија за хартии од вредност (СЕК) направи спогодба со „Дојче банк“ за исплата на казна од повеќе од 16 милиони долари поради непотизам и корупција при водење бизнис во азиско-пацифичкиот регион, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Истрагата на СЕК е во рамките на Закон за странски коруптивни практики од 1970 и опфаќа активности на „Дојче банк“ насекаде низ светот, но најмногу во овој регион. Пред се во Кина и Русија, каде банката „вработувала роднини на странски државни функционери за да влијае на нив во добивање или задржување на бизнис и други бенефиции“, се вели во денешното соопштение на СЕК.
Американскиот регулатор регистрирал коруптивни практики на банката во периодот од 2006 до 2012 година. Така на пример, во Кина кога „Дојче банк“ финансирала учествуво во првично јавно надавање (ИПО) на кинеска банка, банкарот кој работел за клиентот, се обратил до менаџментот на „Дојче банк“ да вработи син на член на советот на директори на кинеската банка кој бил и државен функционер, а за возврат, победа во надавањето.
Во соопштениеот на СЕК се наведуваат уште многу слични примери каде банката вработувала лица врз база на непотизам, како во Кина така и во Русија.
Се наведува примерот на неименуван министер во руската влада во 2009 година. Тогаш раководителот на банката во Москва добил понуда од министерот да ја вработи неговата ќерка во седиштата во Москва, Лондон или Њујорк.
Како што се утврдува, раководителот ја прифатил идејата со ентузијазам и ќерката на министерот била вработена во канцеларијата на „Дојче банк“ во Москва а потоа префрлена во Лондон „бидејќи да ја држиме во Москва е политички некоректно“, укажуваат од СЕК на кореспонденција од топ менаџментот на банката.
На овој начин, кредитната организација ги нарушила законите на САД за корупција и незакоснки се стекнала со сума од 10.7 милиони долари, заклучуваат од СЕК.
Банката склучила договор со СЕК за исплата на казна и не ги демантира ниту пак ги признава наводите на СЕК, се вели во соопштението. Се додава дека банката соработувала во истрагата и презела повеќе мерки за да ги исправи и подобри практиките за најмување вработени.