Се урна хеликоптерот Ingenuity со што заврши мисијата на Марс


Хеликоптерот Ingenuity, кој влезе во историјата со првиот лет на Марс, претрпе штета што ја заврши мисијата на Црвената планета, јавува Би-би-си.

Американската вселенска агенција НАСА објави дека хеликоптерот морал да изврши „итно слетување“ при што му биле оштетени пропелерите. Првото вештачко летало кое летало на друг свет покрај Земјата го дочека својот крај. Сепак, Бил Нелсон од НАСА рече дека Ingenuity има завршено многу повеќе мисии од првично планираните и дека го отворил патот за идните летови во нашиот Сончев систем.

Ingenuity остана исправен, но фотографиите направени од роверот Perseverance покажуваат дека барем еден од неговите пропелери е оштетен и повеќе не може да лета. Се истражуваат околностите под кои настанала штетата.

Хеликоптерот пристигна на Марс во февруари 2021 година во внатрешноста на роверот Perseverance. Тој беше наменет да послужи како краткорочна демонстрација на технологија која овозможува лет во ултра тенката атмосфера на Марс. Откако успеа во тоа, тој стана поддржувач на роверот Perseverance во истражувањето на областите од интерес на Марс, а истовремено му помага на роверот и неговите оператори на Земјата да ја изберат најдобрата траекторија.

Пред да ја заврши мисијата во четвртокот, Ingenuity изврши 72 лета и леташе 14 пати подалеку од првично планираното.

Многумина ќе жалат за симпатичниот хеликоптер, но крајот дојде во вистинско време. Роверот Perseverance ќе оди на долги и брзи возења додека бара пат до работ на кратерот Језеро. Да останеше функционален, хеликоптерот веројатно ќе се бореше да остане во чекор со роверот.