Се урна дел од автопат во Шведска: Три лица се повредени


Голем дел од автопатот на југозападот на Шведска се урна во текот на ноќта, а три лица со полесни повреди се хоспитализирани, соопшти денеска полицијата. Свлечиштето го оштети автопатот меѓу вториот по големина град во Шведска Гетеборг и главниот град на Норвешка Осло, во близина на малиот град Стенунгсунд, на околу 50 километри северно од Гетеборг, пренесува Ројтерс.

Одронот затрупа десетина возила, шумска површина и деловен простор со бензинска пумпа и ресторан за брза храна, соопштија од спасувачките служби.

Одреден број лица со помош на противпожарен персонал и хеликоптери ги напуштија возилата и беа евакуирани од зоната на свлечиште.

Неколку автомобили и камион паднале во дупки и пукнатини предизвикани од одронот, јави шведската новинска агенција ТТ. Портпаролот на спасувачката служба за јавниот радиодифузен сервис СВТ изјави дека на сите луѓе во возилата им е укажана помош.

„Најтешко погодените делови од областа на свлечиштето се со големина од околу 150 x 100 метри. Сепак, вкупното свлечиште зафати површина од околу 700 x 200 метри“, се наведува во соопштението на спасувачката служба во Гетеборг.

Се додава дека специјално обучен персонал и кучиња трагачи ќе ја пребаруваат областа и дека не може да се исклучи можноста за нови лизгања на земјиштето, наведува Ројтерс.