Се тркала ли нешто зад ридот?
Секој втор човек мисли дека измените во Кривичниот законик се дел од некој поголем проект за уставните измени. Но малкумина би се обложиле дека навистина е така. Може да нема ни уставни измени, ни ЕУ, ни ништо
Ако земеме дека човекот што ја измисли и докажа Теоријата на релативноста, Алберт Ајнштајн, е во право за најголем дел од работите што ги кажал, тогаш неговата мисла – „Случајноста е Божјиот начин да остане анонимен“ – тогаш навистина ништо не би требало да биде случајно во настаните што во политиката и околу неа се одвиваат во Македонија од почетокот на септември. Се разбира, сите се насочени со мислите кон измените во Кривичниот законик и дали можеби зад тоа стои некаков господ (не на небото) кој преку случајностите сака да остане анонимен.
Малку кој би можел да се обложи дека е така, а сепак повеќето ќе тврдат дека нешто навистина се тркала зад ридот што сѐ уште не можеме да го видиме. А кое можеби ќе излезе кога конечно пратениците ќе гласаат за првата фаза од уставните измени. Да нема забуни – во овој момент изгледа дека е невозможно ВМРО-ДПМНЕ да гласа за вметнување на Бугарите во Уставот. Ако се случи тоа најголемиот дел од граѓаните ќе бидат убедени дека господ навистина решил да остане анонимен конструирајќи ги случајностите.
Кога секој ден слушаме дека овој, па оној, па трет предмет на СЈО отишол во застареност поради измените на Кривичниот законик малкумина ќе мислат дека ова можеби е некаков вид национално помирување, но не на граѓаните, туку на политичарите. СДСМ, а и Владата, тврдат дека тоа бил начинот да се стигне до побрза правда – преку измените на членот за злоупотреба на службената должност судиите ќе бидат притиснати од времето да ги водат процесите побрзо. ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека сето тоа наводно било направено за Никола Груевски да се врати во Македонија и на Сашо Мијалков да му бидат простени кривичните дела. А преку тоа можеби нема да се стигне до бројката за уставните измени, но ќе се вознемири партијата, која сега изгледа компактно.
Господови случајности
Во тоа секојдневно елаборирање на сакам-кажам-не знам-речам ставови ги гледаме сдсмовските претставници како се препотуваат во телевизиските студија за време на дебатите и се обидуваат да најдат некаква правно-општествена структурна мрежа, за да им дадат вистинско месо на овие измени. А бидејќи очигледно ги немаат податоците за можните господови случајности и дали нешто се тркала зад ридот, тогаш тие влегуваат во она што се нарекува редуданца – преопширно излагање со полно непотребни, сувишни зборови во кои се губи суштината.
Вмровските првенци во обидот да ги пренесат измените во некое идно време со непознати параметри мака мачат како да не го споменат она за што сите зборуваат – дека поради застарување почнаа да паѓаат многу предмети на нивни истакнати членови. Меѓу нив и оној на многу важниот човек и во ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Антонио Милошоски, на поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, на поранешниот генерален секретар на партија Игор Јанушев и други помалку експонирани личности. Па така, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, пред некој ден во Зелениково прилично невнимателно ќе изјави дека „мора веднаш да се влезе агресивно и робусно во борба со ваквиот тип на сторители за коишто постои основано сомневање за сторено кривично дело, бидејќи некако нам ни стана пракса да постои неказнивост, а таа пракса е лоша за државата, а најмногу е лоша за граѓаните бидејќи ги разочарува“. Значи, постои неказнивост и за Антонио Милошоски.
А потпретседателот на партијата, Александар Николоски, ќе биде уште поневнимателен велејќи во „Само интервју“ на Канал 5 дека „измените на Кривичниот законик ја покажаа целата бруталност и злоупотреба на власта, а суштината е дека има застарување за претходни судски случаи, но има и амнестија за идни“. Тој ќе ги спомене Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, за кои сѐ уште нема изјаснување од обвинителството и судот, но ќе ја сошие устата да објасни каква тоа бруталност му направила власта со тоа што го ослободила Антонио Милошоски во процесот „Моќник“. Кој го знае, можеби се чувствува загрозен од Милошоски внатре во партијата.
„Проста математика“
Во целиот овој политички водвиљ, многу актери изгледаат „несувисло“, што би рекле Србите. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, се обиде да прави „проста математика“, како што рече, образложувајќи им на новинарите дека не било точно дека некои предмети на СЈО траеле пет, седум или десет години, туку дека тие во просек траеле пет години и 10 месеци. Уф, каков успех! Замислете, некои што се родиле пред шест години и сега тргнале во прво одделение ќе можат да забележат во својата биографија дека во сето нивно досегашно време се воделе еден, два, пет предмети на СЈО.
Секако дека Џолев не сака целата вина да падне на плеќите на судиите од Кривичниот суд (голем дел од неа носат и обвинителите, а и судиите во Апелацискиот суд), но да се релативизира целата работа е прилично неуспешен обид. Или судиите не се толку способни и посветени, или обвинителите не знаат како најдобро да ги сработат задачите, или и едните и другите потпаѓаат под нечие влијание. Четврто нема.
Еве да земеме еден пример, како и за многу досега што сме пишувале – од САД. Се работи за судењето на поранешниот претседател Доналд Трамп и 18 други обвинети за нивниот обид нелегално да ги променат резултатите од изборите во Џорџија во ноември 2020. Обвинителите истражуваа долго, но кога беше подигнато обвинението судот почнува да работи и не запира. Во август големата порота одлучи да ги одобри обвиненијата, обвинетите почнаа да се појавуваат пред судот. Двајца од неговите лични адвокати изминативе денови неочекувано се изјаснија за виновни нанесувајќи им тежок удар на проспектите на Трамп. Во петокот почна изборот на поротата од стотина повикани. Процесот почна и нема запирање. Како што следевме од некои други случаи во кои се вклучени политичари и нивни блиски соработници рочиштата траат и навечер. Никогаш не се стигнува до „простата математика“ на Иван Џолев од пет години и 10 месеци. Ако американското правосудство работи според таа „проста математика“, овој процес во Џорџија би траел до 2029 година. Ако Трамп биде претседателски кандидат и ако повторно загуби од Џо Бајден нему уште би му се судело на процесот во Џорџија (еден од оние што се водат против него).
За недозволеното долго траење на одредени судски процеси, како оној за патарините наречен „Змиско око“ – цели 16 години, јавноста со години предупредува, па дури и моли, да се заврши голготата на обвинетите. Тој сега заврши со застарување на делото. Благодарение на судството тоа премина во вистинско инквизициско измачување на обвинетите – барем да имаа една правосилна пресуда, па да знаат на што се. Не е наше да одредуваме дали биле виновни или не, но ако Апелацискиот суд три пати ги враќа пресудите назад во Кривичниот суд, тогаш некој навистина требало да се замисли како се судело и пресудувало. Па макар излегло од „простата математика“.
Довербата е кревка
Изјавата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп од четвртокот за владеењето на правото и реформите – „Пораката е дека ги сакаме вашите пари, меѓутоа не ги сакаме вашите вредности“ – важи подеднакво за сите, не само дали се политичари од власта или опозицијата, дали се луѓе од општините, правосудството, еколошките власти… Тој ментален склоп, за жал, е преовладувачки. Зборот реформи уште од многу години наназад стана апстрактна мисла, нешто што не може да се дофати. Владата малку ги правеше, трудејќи се да ја амортизира ситуацијата предизвикана од пандемијата, а потоа и од руската инвазија на Украина. Тоа може да бидат отежнувачки околности, но не и оправдувања. Реформите секогаш се поврзани со политички ризик, а тоа малкумина го сакаат мислејќи на изборите. И опозицијата, освен што цели три години постојано зборуваше само за предвремени избори и за „криминалот и корупцијата на власта“ не спомена ништо, речиси буквално ништо какви реформи би можела прави доколку дојде на власт.
Сега се откажа од едната работа, после толку многу датуми што Мицкоски ги предлагаше и одредуваше како речиси завршена работа. И пак, и пак, и пак – датуми. Парламентарните избори да биле на 8 мај во среда заедно со вториот круг на претседателските избори. Тоа значи дека и првиот круг на претседателски избори треба да биде во среда, две недели порано. Што значи два неработни дена.
Во четвртокот во Велика Британија се одржаа дополнителни избори во две изборни единици на кои на големо вчудоневидување на јавноста, политиката и партиите силна победа однесоа опозициските лабуристите. Тие две места со децении беа упоришта на владејачките конзервативци. Пред тоа, лабуристите имаа и неколку други победи на дополнителни избори, а речиси и триумф на локалните избори оваа пролет. Па никој од лабуристите со ниедна изјава не побара предвремени избори. Сето тоа е подготвка за националните избори што треба да се случат некое време идната година, најдоцна во декември. Затоа, без оглед на егзалтацијата во лабуристичките редови, нивниот национален координатор на кампањата вчера рече дека довербата на јавноста е „кревка“ и дека лабуристите имаат уште „многу работа да направат од сега до општите избори“.
Кај нас се бара сѐ сега и веднаш. Нестрпливите луѓе немаат време за чекање. За да не се случат промени во јавноста ако нејзината доверба е „кревка“.
На 29 октомври треба по втор пат да ја пречекаме претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Тогаш можеби ќе дознаеме дали нешто навистина се тркала зад ридот. Или дека ќе нема ни џамлии да се тркалаат зад ридот ако не бидат усвоени уставните измени.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)