Се продава зградата „Политика“ во центарот на Белград


НЛБ Комерцијална банка ја продава зградата „Политика“ во центарот на Белград, која ја поседува, а купувачот би можел да биде Бобан Рајиќ, сопственик на „Вечерње новости“ и косопственик на компанијата „Политика новине и магазини“, објави денеска порталот Н1, пренесува СЕЕбиз.

Од НЛБ Комерцијална банка за порталот Н1 потврдија дека зградата се продава и потенцираа дека се ќе биде – согласно законот, но не потврдија дека преговараат за продажба со Бобан Рајиќ, како што наведува порталот, „близок соработник на високите функционери на СНС Синиша Мали и Ана Брнабиќ, како и дали продажната цена ќе биде половина од пазарната цена“.

„НЛБ Комерцијална банка како приватна финансиска институција носи одлуки и за потенцијална продажба на недвижен имот во нејзина сопственост. Процесот на продажба на зградата на Трг Политика е во тек, поради што не можеме да коментираме информации за потенцијални купувачи. Сите активности се спроведуваат во согласност со законите на Република Србија, внатрешните процедури на НЛБ Комерцијална банка и во најдобар интерес на нашите акционери“, велат од НЛБ Комерцијална банка за порталот Н1.

Порталот Н1 потсетува и дека Бобан Рајиќ е сопственик на 50 отсто од компанијата „Политика новини и магазини“, додека другата половина е во сопственост на „Политика“ АД.

Според неофицијални информации од Н1, покрај продажбата на зградата на истиот купувач – Бобан Рајиќ – како дел од пакетот се планира и продажба на побарувањата на НЛБ Комерцијална банка од компанијата „Политика“ АД за 25 отсто од вредноста на побарувањето. 

Во официјалните одговори, банката, сепак, негираше дека таквата продажба е во тек.

„Сакаме да истакнеме дека банката во моментов не е во процес на продажба на побарувањата што ги има од ‘Политика’ АД“, велат од НЛБ Комерцијална банка.

На прашањето дали компанијата на Млаѓан Динкиќ, поранешниот гувернер на Народната банка на Југославија и Србија, како и министерот за финансии и економија, била вмешана во трансакцијата на планираната продажба на зградата Политика – порталот Н1 не добил одговор.

Порталот потсетува и дека објектот „Политика“ е културно богатство, односно припаѓа на градежни објекти – средства кои уживаат статус на претходна заштита.

Тоа значи дека, како што е наведено, во случај на негова продажба, државата би имала право на првенствено купување.

Од Републичката дирекција за имот на Република Србија за Н1 велат дека институцијата не добила понуда за купување на зградата Политика со право на првенствено купување.

Воедно, Дирекцијата посочи дека, „доколку предмет на продажбата е недвижен имот во приватна сопственост кој има статус на културно добро, правото на првенство го остварува во име на Република Србија надлежната установа за јавна заштита во зависност од видот на културното добро, односно Републички завод за заштита на спомениците на културата или Завод за заштита на спомениците на културата на град Белград“.

НЛБ Комерцијална банка е сопственик на зградата Политика во центарот на Белград од јануари 2006 година.

Тогаш таа банка (под тогашното име Комерцијална банка, мнозинска сопственост на српската држава) потврди дека станала сопственик на деловната зграда на Политика, на име намирување на долгот на Политика кон банката во износ од 37,1 милиони евра.