Сè помалку пари за чисти болници


Скопска поликлиника. Во одделението каде што се примаат вакцини стојат наредени дечиња. Едното од нив е видно возбудено, наеднаш почнува да повраќа. Родителите растрчани да најдат хигиеничарка за да исчисти. Но, на нивно изненадување, одговорот од докторите е дека – хигиеничарка нема. Прашуваат дали има барем хартија, за да исчистат самите. И на ова одговорот е негативен. Родителите вџашени се прашуваат како е можно ова во здравствен објект каде што, нели, хигиената би требало да биде приоритет, да нема кој да исчисти.

За жал, ова е вистинска случка, а отсуството на основна хигиена во болниците низ државава го потврди и нашето истражување. „Инбокс 7“ истражуваше колку хигиеничарки ги одржуваат општите болници и колку државата одвојува средства за хигиена. Резултатите се поразителни – од година во година има сè помалку пари за чисти болници.

Куманово лидер во трошењата за хигиена

На испратените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до сите 13 општи болници одговор добивме од девет. Од нив дознавме дека во постојан пад се паричните средства што се одвојуваат за хигиена во општите болници во земјава и дека во нив состојбата е многу различна. Така, во 2014 година пет болници заедно потрошиле петпати помалку пари за средства за хигиена од Општата болница Куманово, која самата потрошила околу 13 милиони денари. Од 2015 до 2018 година шест општи болници потрошиле трипати помалку пари во однос на истата болница во Куманово, која потрошила најмногу пари за хигиена. По неа следува Градската општа болница „8 Септември“, која во 2018 година исплатила сума од 13.204.227 денари, а потоа Општата болница Кавадарци со 1.410.436 денари потрошени на хигиена, Општата болница Струга со 1.360.000 денари, па Општа болница Охрид со одвоени околу милион денари годишно за средства за хигиена. Во општите болници во Охрид и во Гевгелија, пак, во последните пет години дури двојно била намалена сумата потрошена за хигиена. Од Општата болница со проширена дејност Дебар, ни одговорија дека во 2014 година во болницата биле распоредени на работа 10 хигиеничарки, а во 2019 година тој број паднал само на шест. Во Општата болница Кичево, исто така, од 2014 до 2016 година за кеси за отпад се трошеле 106.200 денари, а во 2018 година тој износ спаднал на 78.131 денари. Од 290.430 денари кои се одвојувале за раствор – дизентал во 2014 година, во 2018 година потрошената сума паднала на 237.200 денари, односно за 53.230 денари помалку. Од Општата болница во Струга објаснуваат дека за потребите на хигиената се одвојуваат во просек по 1.360.000 денари годишно:
„Во средства за хигиена кои ги набавуваме спаѓаат: хигиенска хартија, подлога-хартија за кревет во ординација, сунѓерче, крпи, жица, детергенти, сапуни, абразиви, средства за чистење и дезинфекција на тоалети, метли, четки, кофи, џогер и резервни делови, вреќа за отпад, кеси и фолии за пакување, професионална количка за чистење, прибор за јадење за една употреба, средства за дезинфекција во простории со висок ризик на загаденост – оперативни сали, средства за дезинфекција на други болнички простории, на инструменти и друг медицински инвентар“, велат во Струга. Оттаму дополнуваат дека не се водат анализи за подеталниот износ кој се троши на хигиена. Единствено во ГОБ „8 Септември“ – Скопје за 2017 и 2018 година имаат ангажирано фирма за одржување на хигиената, на која во 2017 година и биле исплатени 1.911.015 денари, а во 2018 година наплатата за одржување драстично скокнала на 7.154.009 денари!

Лоши хигиенските услови во една болница, не се кажува која

Сепак, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека лоши хигиенски услови се констатирани во еден болнички објект, кој во моментот е под надзор, но не откриваат за која болница станува збор. Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) е надлежен за инспекциски надзор на условите во болничките установи. Оттаму велат дека редовни инспекциски надзори во јавните здравствени установи се вршат на 3 месеци, а во приватните здравствени установи се врши еднаш до два пати годишно, но во зависност од проценката на ризик во конкретен објект, инспекциските надзори се вршат и почесто.

„Генерално, болничките здравствени установи ги задоволуваат општите санитарно хигиенски услови. Но, мора да се напомене дека констатираната санитарно хигиенската состојба во еден објект е под надзор. Доколку се констатираат недостатоци, записнички се наложува истите да бидат отстранети, а потоа се издава решение со наложени мерки за отстранување на констатираните недостатоци“, изјави Д-р Лилјана Коцева за „Инбокс 7“.
Според неа, се случува пациентите телефонски да се пожалат во однос на санитарно хигиенските услови во одредена здравствена установа, за што постои и бесплатна телефонска линија. Според неа, за среќа тоа е ретко и во такви ситуации, инспекторот кој е надлежен врши вонреден инспекциски надзор.

„Хоспитал Хигиена“ е компанија за хигиена и дезинфекција на болнички објекти, на чијашто листа на клиенти се наоѓаат десетина општи болници, специјални болници, заводи, институти, одделенија од Универзитетска клиника, но и неколку приватни болници како „Систина“, „Ремедика“, „Диамед“ и други. Тие нудат комплетни решенија за болничките установи, меѓутоа не сакаат да дадат подетални информации, за да направиме разлика што е тоа што го користат приватните клиники како услуга и колку се разликува од тоа што го користат општите болници.

Најавени подобрувања само на хартија

Министерот за здравство Венко Филипче на почетокот на месецот објави дека почнала постапката за подобрување на условите во 34 јавноздравствени установи во државата. Веројатно мислејќи на огласот за градежно-занаетчиски услуги за тековно одржување на здравствените објекти во целата држава, објавен на 8 јули годинава на електронскиот систем за јавни набавки.

Уште во програмата „План за живот“ на СДСМ се најавуваше дека ќе започне реконструкцијата и опремувањето (вклучително и со неопходен кадар) на општите и клиничките болници низ Македонија, како и соодветните здравствени домови поликлиники и амбуланти (Неготино, Чашка, Ранковце, Арачиново, Драчево, Лисиче, Чаир и Новаци) во секундарна здравствена заштита. Исто така, се најавуваше и реновирање на објектите во кои веќе не може да се пружа достоинствена здравствена заштита во терцијарна здравствена заштита. Сепак, во болниците состојбите одамна се загрижувачки. Се случува пациентите да спијат на валкани чаршави, па затоа дел од нив си носат постелнина од дома. За пациентите на кои им е потребна посебна нега, роднините се принудени да купуваат се што е потребно – почнувајќи од основни средства за хигиена, па сè до пелени. Во некои од општите болници пациентите уште на самото влегување со соочуваат со распаднати врати и прозорци, напукани ѕидови, извалкани и непроменети постелнини по болничките кревети, ретко во кој тоалет може да се наиде на сапун и тоалетна хартија.

Катја Поповска – претседател на Здружението за контрола на интрахоспитални инфекции вели: Хигиената е секако важна како во домот, така и во болниците и тоа не само за добивање интрахоспитална крос-инфекција кај пациентите, туку и за здравствените работници кои се изложени на професионален ризик да добијат инфекција, преку нечисти раце, храна, предмети за општа употреба или инструменти и медицински помагала“.
Притоа Поповска додава дека постои податок за ризикот, односно смртноста од болнички инфекции на долни дишни патишта во единиците за интензивно лекување, според кој, седум од десет пациенти умираат доколку се заразиле со некоја од опасните бактерии таму. Сепак, според Поповска, хигиеничарите имаат голема улога, но не и клучна во одржување на хигиената во болниците. Тие ја одржуваат хигиената на општиот простор и предмети, но хигиената на рацете е лична одговорност на секој здравствен работник, пациент или негов роднина, кој, исто така, може да пренесе микроорганизам од надворешната средина.
„Хигиената на операционите сали и ендоскопските сали како и инструментите се одговорност на одговорните сестри и доктори за контрола на болнички инфекции“, констатира таа.
Пациентите секако се подложни на инфекција додека престојуваат во болница. Интрахоспитални инфекции им штетат како на пациентите, така и на болничкиот персонал и во екстремни случаи, можат да резултираат со смрт. Се проценува дека во САД над 2.000.000 луѓе годишно фаќаат болнички инфекции, додека бројот на смртни исходи е околу 90.000. Во Европа пак се јавуваат околу 1.500.000 случаи годишно, од кои околу 30.000 умираат како резултат на болнички инфекции.

Љубица Иванова

(Инбокс 7)