„Се лажете самите себеси“, му рекол Макрон на Путин
Почнаа да се појавуваат детали од 90-минутниот разговор меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот Владимир Путин.
Ројтерс цитираше француски функционер дека Макрон му рекол на Путин дека „прави голема грешка“ во Украина, дека се залажува себеси за владата во Киев и дека војната долгорочно ќе ја чини Русија скапо“, рече францускиот функционер.
„Немаше ништо во она што го кажа претседателот Путин што може да нѐ убеди“, рече советникот на францускиот претседател, додавајќи дека Путин ја повторил својата „приказна“ повикувајќи на „денацификација на Украина“.
„Се лажете себеси“, му рекол Макрон на Путин, рече функционерот. „Тоа ќе ја чини вашата земја скапо, вашата земја ќе заврши изолирана, ослабена и под санкции за многу долго време“.
Според соопштението на Кремљ, Путин му рекол на Макрон дека целите на руската инвазија на Украина – нејзината демилитаризација и неутрален статус – ќе бидат постигнати.
Во телефонскиот разговор Путин нагласил дека „бескомпромисно“ ќе ја продолжи борбата против „националистите“ во Украина, пренесува АФП и доколку Украина оддолжува со преговорите само ќе додадат нови барања на списокот.
Макрон потоа му се јавил на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во обраќањето до нацијата во средата, Макрон рече дека „претседателот Путин е тој што ја испровоцира војната со прекршување на сите меѓународни принципи и ветувања“. Тој го пофали Зеленски како персонификација на „честа, слободата и храброста“.
„Ова не е само војна меѓу Западот и Русија, како што некои веруваат. НАТО нема воена база во Украина, тоа се лаги. Русија не е загрозена, таа е агресор. Ова не е војна против нацизмот, тоа е лага“, додаде Макрон.
Во својот говор Макрон истакна и дека сака да продолжи да разговара со Путин. „Ние не сме во војна со Русија“, рече тој.
„Одлучив да останам во контакт со претседателот Путин и неуморно ќе продолжам да правам сѐ што е потребно за да го убедам да се откаже од вооружените сили“, додаде Макрон.