Се грижиме за Курбиново и Аквадуктот, ама не се гледа


Пожарот во париската катедрала Нотр Дам на домашен терен провоцираше прашања како: што се прави и до каде се решенијата за повеќегодишната борба да се реставрира црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, скопскиот Акведукт и други недвижни културни наследства за кои треба да се грижи државата.

На прашањето на „Независен весник“ упатено до Министерството за култура – зошто заштитата на културното наследство и неговото одржување никако не испливуваат меѓу приоритетите, оттаму одговорија дека водејќи се од определбата „култура за сите“ и според Стратешкиот план за култура (2019-2021) и владините заложби за едно општество за сите, приоритет им се дава на најскапоцените национални добра.

„Речиси една деценија културата е ставана на маргините на општеството и предност им се даваше на восочните фигури, големи нови архитектонски зданија со стиропорни фасади и преостанати нови градби. Нашата стратегија предвидува конечно да се занимаваме со она што е наше вековно културно наследство со исклучителна културно-историска и цивилизациска вредност. Оттука, се прават напори натрупаните системски грешки, кои ги обременуваат процедурите, да се решаваат по најдобар пат, патот на едноставноста. Огромните процедури се натрупано системско бреме од кое полека мора да се ослободиме за да можеме да се фокусираме на конкретните и значајни промени“, велат од Секторот за заштита на културното наследство.

Тие додаваат дека не се согласуваат со констатацијата дека црквата во Курбиново и Акведуктот не испливуваат во приоритети, туку дека можеби не се доволно добро промовирани и недоволно добро е промовирана грижата за нив.

Според податоците што ги добивме од Секторот за заштита на недвижното културно наследство при Министерството за култура, од 2013 до 2018 година за конзервација на црквата во Курбиново се исплатени повеќе од 100 илјади евра. Финансиската поддршка била од Министерството, а проектите ги извршувале Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола како надлежна институција. На дел од истражувањата работеле во соработка со ИЗИИС. Парите се распределувале за реализација на проекти во пет последователни фази. За тековната година, пак, за конзервација на црквата, која претставува несекојдневен пример на византиска уметност од 12 век, се одобрени нешто повеќе од 30 илјади евра.

Надлежна установа од областа на заштитата на Акведуктот е Конзерваторскиот центар – Скопје. Според податоците што ги добивме за заштита на овој објект како културно наследство, надлежната институција го вклучила во програмата на Советот на Европа „Љубљански процес 2 – Рехабилитирање на нашето заедничко наследство 2011-2014“. Во рамките на оваа програма биле изработени проекти со цел добивање на грантови. „Акведукт нацрт ПИЛ 2010“, „Прелиминарна техничка проценка (ПТА) МК 11 Акведукт во Скопје“ и „Физибилити студија МК 11 Акведукт во Скопје“ се насловите на проекти преку кои се обезбедени два гранта, едниот во износ од пет илјади евра, а другиот во износ од 30 илјади евра. Биле извршени археолошки и сондажни истражувања во рамките на првиот грант. Со парите од вториот грант, извршени се геотехнички и геофизички истражувања на тлото на кое се наоѓа Акведуктот, како и анализа на статичката и динамичката стабилност на Акведуктот. Резултатите од овие истражувања содржеле доволно показатели за носивоста на тлото, причините за деформација на објектот (инклинацијата на дел од столбовите), квалитетот и карактеристиките на градежните материјали, како и неговата стабилност. Како што информираат од Министерството за култура, со овие показатели е можно во конзерваторскиот проект да се предвидат соодветни технички решенија за санација, конзервација и реставрација на Акведуктот.

Во согласност со годишните програми на Министерството за култура, од 2010  до 2016 година за Акведуктот биле издвоени вкупно 4.200 евра. За 2019 година е поднесена предлог-иницијатива до Владата да се обезбедат средства во износ од околу 30 илјади евра.

Со промената на власта, Министерството за култура формираше и работна група, односно комисија, која требаше да изготви Листа на културно наследство од национално значење која е составен дел на новиот Закон за заштита на културното наследство. Но, работата на оваа комисија стагнира, откако на претседателката Донка Барџиева-Трајковска ѝ беше откажан ангажманот како советник на министерот за култура. Иако советничкото место не е поврзано со работата на оваа комисија, сепак комисијата не ја продолжи работата.

„Завршен е еден дел од Листата на недвижно културно наследство (239 недвижни споменици и три музејски збирки). Оваа работна група треба да продолжи со работа и да бидат формирани уште неколку други за движно и нематеријално/духовно наследство. Работата прекина со нашето заминување од советничките функции во Министерството. Очекувам министерот за култура да овозможи услови за завршување на работите и да донесе решение за формирање на новите работни групи, бидејќи новиот Закон за заштита и Листата претставуваат дел од започнатите реформи во културата“, рече Барџиева-Трајковска во интервју за „Независен“.

Од Министерството ни рекоа за оваа работна група прашањата да ги упатиме до Управата за заштита на културното наследство, а оттаму ни одговорија дека немаат никаква врска со формирањето и работата на оваа работна група.

„Управата за заштита на културното наследство служи за правна заштита на културното наследство, а работните групи ги формира Министерството за култура. Членовите на тие работни групи ги селектира исто така Министерството за култура. Ние како Управа до Министерството поднесовме предлог за формирање на Националниот совет за културно наследство кој се формира предвидено со Законот, а го одобрува Владата“, ни одговори директорката на Управата, Елеонора Петрова-Митевска.

Националниот совет треба да биде составен од претседател и 14 членови. Тие се именуваат од редот на истакнати поединци од областа на заштитата на културното наследство и сродните области, од МАНУ, универзитетите, како и верските заедници и здруженија од оваа област. Претседател на Националниот совет по функција е министерот за култура. Ова тело предлага и национална стратегија за заштита и користење на културното наследство, предлага и приоритетна листа, дава мислења и формира координативен одбор за заштита на културните добра во случај на неприлики, несреќи или напади на културното наследство.

Од Министерството велат дека Националниот совет ќе се формира по завршувањето на изборите.

Ивана Настеска