Се формира ли нов моќен блок: Почнуваат воени вежби на Кина, Русија и Иран


Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека од денеска до 19 март ќе се одржат заеднички воени вежби со Иран и Русија во Оманскиот залив.

„Во согласност со договорите на вооружените сили на Русија, Кина, Иран и други земји, кинеските, иранските и руските поморски сили ќе спроведат маневри во Поморската безбедносна зона во Оманскиот залив од 15 март до 19 март“, се вели во соопштението.

Во соопштението се додава дека маневрите ќе помогнат „во продлабочување на практичната соработка меѓу морнариците на земјите учеснички“.

Кина и Иран никогаш не ја осудија бруталната агресија на Русија врз соседна Украина.

Иран дури беше обвинет дека воено ѝ помага на Москва, особено со самоубиствени беспилотни летала.

Од друга страна, Кина одигра важна улога во економското спасување на Русија со продолжување, а во некои сегменти и продлабочување на соработката со Москва по западните санкции.