СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ и во анкетата на НДИ – 24,8 наспроти 21,2 отсто


Фото: Б. Грданоски

Сликата на граѓаните во Македонија станува попесимистичка последниве месеци поради епидемијата со корона вирусот и нејзиното влијание врз економијата. Така покажува новата анкета на американскиот Националниот демократски институт (НДИ) направена во втората половина на јуни.

Зголемен е бројот на испитаниците кои мислат дека Македонија се движи во погрешна насока – 44 отсто (во последното истражување на НДИ во март тоа беше 33 проценти). Генерално, луѓето се сериозно загрижени за економската состојба и за здравјето предизвикно од епидемијата на Ковид-19.

„Анкетата го рефлектира основниот континуитет во јавното чувство уште пред епидемијата на Ковид-19, особено за економскиот развој и антикорупциските реформи“, рече директорот на НДИ за Македонија, Роберт Скот Хислет. „Гласачите аплаудираат за членство во НАТО и најавениот почеток на преговорите за членство во ЕУ, но преовладувачките економски и здравствени проблеми ги обликуваат нивните приоритети пред овие избори“.

Анкетата покажува дека најголемата доверба пред изборите за справување со овие економски и здравствени грижи граѓаните ѝ ја даваат на колаицијата на СДСМ и Беса со 24,8 отсто. Поддршката за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е пониска за 3,6 проценти и изнесува 21,2 отсто. Понатаму следи ДУИ со 7,2 отсто, па коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива со 5,7 проценти. Неодлучни или одбиваат да одговорат се 18,5 отсто.

Во однос на анкетата од март има само малку промени во рејтинзите на партиите. Рејтингот на СДСМ и Беса пораснал за само 0,2 отсто, додека на опозициската ВМРО-ДПМНЕ нешто повеќе – 1,6 отсто. Дали ова ќе биде доволно за СДСМ да ја зачува власта или опозицијата да направи пресврт во последните денови од кампањата не е извесно.

Речиси седуммина од 10 испитаници одговориле дека веројатно ќе гласаат што би требало да биде охрабрување за излезноста.

Она што може да биде охрабрување за СДСМ е што 58 проценти или го поддржуваат Преспанскиот договор или не им се допаѓа, но сметаат дека бил неопходен. Поддршката за пристапување кон НАТО е огромна – 74 отсто. А членството во ЕУ донекаде или целосно го поддржуваат 79 отсто од испитаниците.

Одговорите околу Бугарија се поделени на еднакви третини – дека Софија условувањето го прави за своја внатрешна политичка агенда, треба да бидеме загрижени од бугарските барања и треба да преговараме, додека третата третина вели дека треба да бидеме навредени и да ги прекинеме преговорите во историската комисија.

НДИ го спроведе истражувањето во соработка со „Тим институт“ и „Стар опинион рисрч“на репрезентативен примерок од 1.213 испитаници 12 до 21 јуни по принципот на теренска анкета. Маргината на грешка е +/-2,8 отсто. (Н.В.)