СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски шират лажни вести и паника

„Во период кога државата, но и целиот свет се справуваат со големата здравствена криза предизвикана од корона вирусот, ВМРО-ДПМНЕ не понуди ниту едно решение за полесно надминување на предизвиците, туку остана доследна на ширењето лажни вести со кои го поткопува здравствениот систем и создава паника и страв кај граѓаните.
Креирањето лажни вести е единствениот начин на делување на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во време кога партијата е дел од Владата и кога граѓаните очекуваат одговорно и хумано однесување од сите политички фактори“, пишува во денешното соопштение СДСМ, реагирајќи на повеќе изјави на опозицијата за начинот на кој македонија се справува со кризата.
„Мицкоски се обиде да ја изманипулира јавноста дека здравствениот систем има само уште 100 тестови за корона, но реалноста потврдува дека од тогаш до денеска се направени околу 5.000 тестови кај различни категории пациенти.
Исто така, ВМРО ДПМНЕ сее страв кај народот со тврдењето дека 140.000 работници останале без работа во време на здравствената криза, што исто така преставува груба лага за создавање погрешна перцепција за владините политики и мерки со кои државата се обидува да ги надмине двете кризи- здравствената и економската“, велат од СДСМ. Оттаму додавата дека „никаде во светот, ниту една опозиција во време на пандемија не се однесува како што се однесува ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден политичар од независноста до денес, не се однесувал толку деструктивно кон својата држава и кон своите сограѓани, како што тоа го прави Мицкоски по шемата на Никола Груевски“.