СДСМ тврди дека пет дена се криело труењето во Гостивар
Опозициската СДСМ вели дека епидемијата на гастроентеритис во Гостивар не избувнала преку ноќ и дека надлежните институции одолговлекувале со реакција.
„Таа се развиваше со денови пред очите на надлежните институции, кои наместо навремена реакција, дозволија ситуацијата да ескалира до размери на сериозна здравствена криза“, рече на прес-конференција Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор.
„Особено загрижува што министерот за здравство, Сашо Клековски, наместо веднаш да ја информира јавноста и да ги активира сите механизми за заштита, пет дена ја криел информацијата за масовното труење во Гостивар. Со тоа свесно било одложено прогласувањето на епидемија“, нагласи таа.
Поповиќ го спомена поставувањето на дива пумпа во главниот цековод што го утврди надзорот, без никакво одобрение, преку која директно се вбризгувала вода од реката Вардар во водоводниот систем.
„Прогласувањето на епидемија не е административна формалност. Тоа значи активирање на конкретни механизми за заштита. Институциите молчеа. Наместо брза реакција, следуваа празни изјави од типот ‘наскоро ќе има информации’, ‘за неколку дена ќе биде познато’ и ‘јавноста ќе дознае наскоро’, а потоа сите се преправаа дека се изненадени од размерите на катастрофата.
Ова е сериозен институционален и политички неуспех. Криењето информации во услови на масовно загрозување на јавното здравје не е обичен пропуст – тоа е неодговорно постапување со сериозни последици врз здравјето на граѓаните“, рече Поповиќ.