СДСМ сѐ уште нема став за проширувањето на владата со нови министерства
СДСМ како главна опозициска партија сѐ уште нема официјален став дали ќе го поддржи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се рекомпонира владата и место 20 – во иднина да има 24 министерски места. Според најавите, овој предлог многу бргу ќе се најде пред пратениците како иницијатива, а за да биде изгласан ќе бидат потребни гласови од две третини од нив, што очекуваната владејачка коалиција сѐ уште ги нема.
Настојувањата на ВМРО-ДПМНЕ биле прво да се договори составот на комисиите наредната недела, а веднаш потоа и да се отвори ова прашање во Собранието. Начелно, како што се дознава од кругови од опозицијата, формален став за промената на бројот и на структурата на министерствата не е договорен, но ако решат да го поддржат предлогот, пратениците на коалицијата на СДСМ нема да го направат тоа како бланко поддршка. Според толкувањата во опозицијата, зад иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ пред сѐ стои потребата да се задоволат апетитите на албанските коалициски партнери од Вреди.
Во моментов владата, на чие чело е техничкиот премиер Талат Џафери, има 20 членови. Од нив четворица се потпретседатели. ВМРО-ДПМНЕ планира воведување на нови министерства, како за енергетика и минерални суровини на пример, но и прегрупирање на некои од досегашнатите и префрлање на одредени сектори од едно во друго.