СДСМ реагира дека просечната плата падна за 1.000 денари, ВМРО-ДПМНЕ вели – платите ќе растат


 

За прв пат во пследниве седум години просечната плата падна, и тоа за илјада денари. За СДСМ ова е одраз на погрешните политики на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, а владејачката партија ветува дека платите во иднина ќе растеле.

„Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40.961 денар. Или за 1.000 денари помалку од платата во јуни кога изнесуваше 41.939 денари.

Ова намалување на просечната плата ги одразува погрешните политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од една страна и претставува удар врз стандардот на граѓаните од друга страна“, рече на прес-конференција пратеничката Јована Тренчовска.

Според неа, политиките на владата потфрлиле во клучната сфера, платите на луѓето, токму онаму каде граѓаните  најмногу очекуваа и каде најмногу им е потребно.

„Ова намалување на просечната плата е јасен показател дека нивното економско управување не е само несоодветно – тоа е и штетно. СДСМ во изминатите години ја зголемуваше просечната плата во континуитет и во време на кризи и достигна над 41.000 денари.
Во времето на ДПМНЕ, во 2015 година, просечната плата изнесуваше само 20.853 денари. Платата постојано растеше со СДСМ со години наназад, во 2020 година просечната плата беше 28.294 денари, во 2022 година беше 34.364 денари а во 2024 година достигна над 41.000 денари.
Дојде ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и платите почнаа да паѓаат“, рече Тренчовска.

На овој прес од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со соопштение дека „ќе растат и платите. Македонија оди напред, а СДС можат само да учат како се работи“.

И наведуваат дека „СДСМ манипулира. Со СДСМ заостанавме зад сите во регионот, а реалната плата имаше пад, а не раст.

Додека Македонија имаше раст на БДП по глава на жител во период од 2017 до 2022 од само 20 отсто, во Србија растот е 50%. А за истиот период во Бугарија по глава на жител БДП се зголемил за 64 проценти. Повеќе од двојно поголем раст од Македонија има и Албанија, каде по глава на жител во периодот од 2017 до 2022 година БДП пораснал за 52 отсто“.