СДСМ пријавил притисоци врз гласачите од страна на власта
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска изјави дека СДСМ води чесна, искрена кампања и рече дека имало сериозните изборни притисоци и нерегуларности од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои биле пријавени до ДИК и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
„Пријавивме притисоци и закани по работните места на гласачите, особено членови и симпатизери на СДСМ, поткуп и обиди за поткуп, па дури и на самите гласачки места. Дополнително, компании биле принудувани да присуствуваат на одредени настани, што не е во духот на демократијата”, изјави Филипче.
Тој потенцираше дека градоначалниците на СДСМ имаат меѓу 90 и 100 отсто реализација на предизборните ветувања, за разлика од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои, според Филипче, „не реализирале ниту 20 отсто“.
На денешната средба со граѓани во крушевското село Јакреново, Крушево, ги повика граѓаните од крушевскиот регион и во вториот круг од локалните избори да ја дадат поддршката на кандидатот за градоначалник од СДСМ за Крушево, Томе Христоски. Тој посочи дека Крушево и Христоски се пример за тоа како треба да се работи во интерес на сите граѓани.
„Во сите места во крушевскиот регион има што да се види. Што Томе со својата посветена, искрена, чесна работа и со својата визија за развој на регионот, има направено-асфалтирани улици, реновирани институции, училишта, здравствени станици.Се направи за Крушево да го постави на мапата на туризмот, не само во Европа, во светот, посебно во еден спорт – тоа е параглајдерството. Со инвестицијата за параглајдерството која се направи изминатите години, од едно запуштено место, стане место во кое што се одвиваат европски и светски првенства по параглајдерство. И тоа е Томе со неговиот тим“, рече Филипче.
Во изјавата за медиуми тој додаде дека Крушево е рекордер по реализација на проекти. Во мандатите на Христоски се реализирани преку 70 капитални инвестиции. Како што кажа Филипче, само 80 гласа му фалеа на Христоски за победа во првиот круг, што ја потврдува неговата успешна работа како градоначалник, но и јасно ја изразува волјата на граѓаните на Крушево дека тој треба да продолжи да ја води општината.
„ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата изгубија 140.000 гласови, кога се споредуваме со лани. Имено на ланските избори, СДСМ и тогашната Коалиција, имаа 152.000 гласови. Сега, за кандидати за градоначалници, имаа близу 158.000-159.000 гласови“, рече Филипче и нагласи дека овие избори биле показател дека граѓаните се разочарани од политиките на власта, и политички сигнал од овие избори, а тоа е дека граѓаните се свесни дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не испорачува.