СДСМ со порака „Нема откажување од иднината“: Членството во ЕУ е единствениот пат
Фокусот е ставен врз подобрување на животниот стандард на населението, поголеми плати, пензии, како и инвестиции во инфраструктурата, но и борба против корупцијата и криминалот
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска на почетокот на кампањата за парламентарните избори порача дека главен фокус на партијата и на коалицијата за претстојните избори останува членството во Европската унија бидејќи тоа е единствениот пат за подобра иднина на нашите семејства. Во обраќањето пред сопартијците и претставници на коалицијата, како и на кандидатите за пратеници, на настан под мотото „Нема откажување од иднината“, што се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје, Ковачевски презентираше и дел од изборната програма во која фокусот е ставен врз подобрување на животниот стандард на населението, поголеми плати, пензии, како и инвестиции во инфраструктурата, но и борба против корупцијата и криминалот.
„Нашиот поглед е насочен кон ЕУ. Нема друга алтернатива за да изградиме држава каква што посакуваме. Нема друг начин да стигнеме до европски стандард, европско здравство и образование, европски квалитет на живот“, рече Ковачевски во обраќањето додавајќи дека СДСМ има храброст да носи тешки, но важни и неопходни одлуки.
Тој е убеден дека СДСМ и коалицијата ќе добијат поддршка од граѓаните и ќе ја формираат новата влада која најдоцна до 2030 година ќе ја однесе државата во ЕУ, но и ќе ја донесе Европа тука, во Македонија.
„Свесни сме дека направивме и голем број грешки и преземаме одговорност за тоа. Знаеме дека граѓаните се разочарани од растот на цените, од корупцијата, од самоволитето, неработењето и злоупотребите на дел од политичарите. И да, граѓаните се во право. Имаат право да се чувствуваат така. И ги прифаќаме нивните критики за направените грешки.“ – додаде Ковачевски посочувајќи дека „само оној што е самокритичен и свесен за своите грешки има моќ да ги исправи“.
Затоа, како што рече, креирале издржан и остварлив план кој е преточен во програма за наредните четири години.
Презентирајќи дел од мерките и проектите во програмата Ковачевски рече дека ветуваат просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, а со влезот во ЕУ ќе достигнат до 1.300 евра просечна, односно 800 евра минимална плата.
„Во наредните четири години ќе им подадеме рака на нашите млади да бидат достоинствено платени на пазарот на трудот. Обезбедуваме по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години“ рече Ковачевски.
Тој вети и просечна пензија од 30.000 денари и минимална пензија од 20.000 денари, а како и други пакет мерки за поддршка на пензионерите.
„Ветуваме драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал и големи инвестиции во медицинска инфраструктура и опрема. Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари“ рече Ковачевски.
Тој додаде дека исто така ќе се обезбеди и целосно укинување на партципацијата од 20 отсто за услугите во јавното здравство, со што тоа ќе биде бесплатно за сите осигуреници.
„Ќе има бесплатен оброк, бесплатен превоз и образовни екскурзии на сметка на државата за нашите ученици, бидејќи мора да го поддржиме развојот на новите генерации“, рече Kовачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека ќе се воведе и Програма со субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, но и грантови за отпочнување на сопствен бизнис за млади, сега зголемен на 8.000 евра.
За македонските компании предвидени се нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе изнесуваат 3,5 милијарди евра.
„Го подготвуваме најголемиот и најамбициозен план во независна Македонија за модернизација на инфраструктурата. Ќе инвестираме 2,7 милијарди евра, а ќе се изградат 194 километри нови автопати и ќе се реконструираат вкупно 950 километри патишта во сите делови и општини на државата“, рече Ковачевски.
Во следните четири години се планира финансиска поддршка за земјоделците во висина од 1,35 милијарди евра. Грантовите за малите винарии ќе се зголемат на 15.000 евра, за младите земјоделци грантовите се во висина од 10.000 и 20.000 евра, а жените земјоделки ќе имаат на располагање грантови од по 10.000 евра.
„Во сите земјоделски сектори ги зголемуваме субвенциите, а зелена нафта ќе добијат сите и тоа 100 отсто“ рече Ковачевски.
Тој најави и зголемено домашното производство на енергија за 70 отсто, со цел да може целосно да се покријат домашните потреби.
„Во изминатите седум години се случија многу работи. Имаше подеми, падови, проблеми, предизвици. Се соочивме со КОВИД пандемијата, а потоа и со економската и енергетската криза предизвикани од војната во Украина. Дадовме се од себе за да им помогнеме на граѓаните и на компаниите да ја пребродат кризата без посериозни последици“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека во изминатиот мандат невработеноста беше значајно намалена, а сега ветуваат дека таа ќе достигне само 7 отсто до крајот на мандатот.
Зборувајќи за мерките кои беа преземени во изминатиот период, тој потсети на деветте пакети антикризни мерки, вредни 2,6 милијарди долари со кои се овозможи да се заштити стандардот на граѓаните, и да се спасат 80 илјади работни места во околу 20 илјади компании.
„Ветивме просечна плата од 500 евра и не само што го исполнивме тоа туку успеавме да го надминеме ова ветување и просечната плата достигна 650 евра. За речиси три пати ја зголемивме минималната плата која сега изнесува 22.500 денари. Минималната и просечната пензија се зголемија за 55% за нашите пензионери да имаат пристојни и достоинствени примања“, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ истакна дека исто така се обезбеди и рекордна поддршка за домашните компании од 100 милиони евра за 919 компании, поддршка која во минатото не постоеше.
„Енергетската трансформација во тие кратки две години обезбедивме над 600 мегавати инсталиран капацитет енергија од обновливи извори, наспроти 16 мегавати до 2016 “, рече Ковачевски.
Осврнувајќи се на кадровските решенија, Ковачевски најави дека на раководните места во министерствата и институциите во новиот мандат ќе има место само за оние кои навистина заслужуваат.
„Јасно и гласно кажувам дека раководни места во министерствата и во институциите во новиот мандат, ќе има само за оние кои навистина го заслужуваат тоа со својот интегритет, посветеност и професионалност. Тоа е мојот личен завет и кон вас овде и кон сите граѓани“, рече претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека на кандидатските листи на СДСМ има луѓе кои се квалитетни, кои имаат знаење и вештини и одлучност и посветеност да работат за доброто на државата и граѓаните.
Во обраќањето се осврна и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за која рече дека оваа партија на чело со Христијан Мицкоски е истото ВМРО-ДПМНЕ кое со Груевски 11 години ја зароби и изолираше државата.
„Мицкоски гордо чекори по стапките на неговиот идол со адреса на живеење во Будимпешта. Исто како и Груевски, спремен е Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека тоа не само што е штетно, туку е и опасно за иднината на нашата држава и за иднината на нашите деца.
„Јас знам дека патот до ЕУ е сè уште тежок. Свесен сум дека пред нас има уште многу пречки. Но, во исто време немам дилема дека ЕУ е единствениот начин да се сменат работите на подобро. Благодарение на сè што направи Владата на СДСМ во изминатите години, денес сме поблиску до европското семејство од кога било претходно и би било огромна грешка ако се откажеме или го закочиме процесот“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека на 8 мај изборот нема да биде само помеѓу партии и кандидатски листи, туку е многу посуштински за сите граѓани.
„Со заокружување на бројот на гласачкото ливче одлучуваме помеѓу надеж и просперитетна иднина со СДСМ и Коалицијата за европска иднина и безнадежност и враќање 10 години назад со ВМРО ДПМНЕ“, рече Ковачевски на почетокот на кампањата за парламентарните избори.
Конечно ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обивнители
„Најавуваме конечна и решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата. Нема веќе да има предмети по фиоки. Конечно ќе го спроведема и ветингот на судиите и јавните обвинители. Кому тоа му се свиѓало или не. Ќе започне од кандидатите на листата во ИЕ1, ќе продолжи со политичари и ќе се пресели и кај судиите и обвинителите и сите кои изминатите 30 години направија богатство што го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на почетокот на кампањата за парламентарните избори.
Тој додаде дека СДСМ се обврзува дека ќе има целосна реформа и на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и останати реформи во судството, за да има правда за сите.