СДСМ најавува уште едно бегство од ЗНАМ
СДСМ објави дека по пратеникот во Собранието Миле Цеков, уште еден член на ЗНАМ го напушта владејачкото мнозинство, овој пат советничката Мирјана Стеваноска во Советот на општина Прилеп.
-ЗНАМ се распаѓа на сите нивоа. Оваа група, создадена од Максим Димитриевски, а финансирана од Мицкоски и ВМРО-ОКГ со единствена цел растурање на СДСМ, прво ја предаде својата матична партија, а потоа и своите гласачи со влегувањето во тендер коалицијата со најголемиот непријател на Македонија – криминалната организација ВМРО-ОКГ.Како што самиот пратеник Цеков јавно кажа дека ЗНАМ ги изневери своите избирачи и дека не исполнил ништо од предизборните ветувања, сега тоа го гледаат и останатите членови.
Веруваме дека постојат уште луѓе во ЗНАМ кои беа измамени и кои не се водени од личен интерес, туку од интересот на граѓаните на Македонија. На нив им порачуваме: не останувајте како соучесници и соработници во најголемото предавство на земјата заедно со криминалната група.ЗНАМ се распаѓа. Останува само празна школка која ВМРО-ОКГ ја користи за своја пропаганда и напади врз СДСМ.Затоа повеќе не постојат во истражувањата, останаа само статистичка грешка, порачуваат од СДСМ.
Претходно советничката на ЗНАМ во Советот на Општина Прилеп, Мирјана Стеваноска, соопшти дека излегува од владејачката коалиција и дека натаму ќе настапува како независна советничка. Таа, која на последните локални избори беше носителка на советничката листа на ЗНАМ, пред советниците порача дека довербата што ја добила од граѓаните е обврска што не смее да се изневери.
„Во изминатиот период покажав дека не прифаќам политика на молк, слепо гласање и немо прифаќање на однапред договорени одлуки. Советникот не треба да биде декор во политички театар, туку активен и принципиелен глас на граѓаните“, изјави Стеваноска.
Според неа, Советот наместо место за аргументирана расправа се претворил во простор каде што само формално се потврдуваат политичките интереси на една партија.
Нејзиното напуштање на коалицијата доаѓа една недела откако Миле Цеков ја напушти пратеничката група на ЗНАМ и парламентарното мнозинство, најавувајќи дека ќе дејствува како независен пратеник.