СДСМ му честиташе на Радев за изборот на владата
Венко Филипче преку објава на социјалната мрежа X му честита на Румен Радев за изборот за премиер на Бугарија и изрази надеж дека новата бугарска влада ќе има конструктивен пристап кон Македонија.
Во објавата се наведува дека добрососедските односи треба да се градат во интерес на граѓаните на двете држави, без загрозување на македонскиот национален идентитет, јазик и култура.
Од СДСМ потенцираат дека државата останува цврсто определена кон европската интеграција и дека членството во Европска Унија е единствениот пат за иднината на земјата.
Во реакцијата се упатуваат и критики кон Христијан Мицкоски, за кого од СДСМ тврдат дека создава вештачки конфликти со соседите и го блокира европскиот процес на државата.
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски на денешната прес-конференција обвини дека СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче испраќаат пораки дека се подготвени за нови отстапки кон Бугарија на штета на македонските национални интереси.
На прес-конференција, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека СДСМ нема „црвени линии“ и дека е подготвена да прифати уставни измени без гаранции дека тоа ќе биде последната пречка на европскиот пат на државата.
„Филипче постојано изјавува дека веднаш е подготвен за уставни измени, без гаранции дека тоа би била последната пречка за Македонија“, рече Манасиевски.
Тој оцени дека политиките на Филипче претставуваат продолжение на, како што рече, политиките на поранешниот премиер Зоран Заев.
Во обраќањето беа споменати и Преспански договор, Договорот за добрососедство со Бугарија и Францускиот предлог, кои според ВМРО-ДПМНЕ биле штетни за македонските државни интереси.
Манасиевски истакна дека СДСМ и Филипче повторно се подготвени за, како што наведе, „национални предавства“, додавајќи дека поради тоа партијата ја губи поддршката кај граѓаните. објави Скопје1.мк