СДСМ: Мицкоски пак манипулира, со инфлација од 4,8 отсто, реалниот раст на БДП е минус 1,4 отсто


СДСМ денеска преку соопштение тврди дека со инфлација од 4,8 отсто повисока од растот на БДП, реалната економија оди надолу од минус 1.4 отсто, а граѓаните тонат во сиромаштија.

„Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста“, велат од СДСМ, додавајќи дека граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб. А таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот.

Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%.

Странските инвестиции се преполовени на 221 милиони евра, од 573 милиони евра минатата година со СДСМ, се вели во реакцијата.