СДСМ ќе го избере новиот лидер во јуни


Од седницата на Извршниот одбор на СДСМ

 

Досегашната владејачка партија, а од овие избори опозиција ќе ја почне обновата на раководството по тешкиот пораз во јуни. Таква одлука донел Извршниот одбор на партијата на вчерашната седница.

На седницата претседателот Димитар Ковачевски ја потврди оставката што ја најави вечерта по гласањето на 8 мај и и иницирал свикување отчетен конгрес. Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите.

Согласно Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата Извршниот одбор заклучи дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.

Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот сѐ уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ кои треба да се одржат во јуни.

Извршниот одбор донесе одлука за формирање на работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори како и за организација на отчетниот конгрес.

Извршниот одбор ги повика и членовите на Централниот одбор да го следат примерот за оставки како морален чин на одговорност.

Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со глед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови.