СДСМ и ДУИ со ист број пратеници: Кој ќе ги добие ДИК и претседателските места во комисиите?
Една од промените вчера, по прегласувањето вио петата и шестата изборна единица, е дека СДСМ стана втора политичка партија во земјата, бидејќи досега беше ДУИ. Тоа има влијание на статусот, да евентуалното добивање на мандатот за формирање влада, на изборот на преставници во ДИК и на местата во комисиите во Собранието. Сега, меѓу СДСМ и ДУИ ќе се води трка од која партија ќе дојде идниот претседател на Државната изборна комисија, кој се предлага од опозициската партија која освоила најмногу гласови.
За ова место, заинтересираност имало од Бојан Маричиќ од СДСМ, а Кренар Лога сака да биде претседател доколку се кандидира ДУИ/Алијанса.
Дилеми има во делот која партија ќе именува претседател на Анкетната комисија за заштита на слободите на граѓаните и Комисијата за финансирање и буџет. Во Деловникот нема толкување од типот најмногу освоени гласови, само одредба од “редот на пратениците од опозицијата”.
Сега во новото Собрание, коалициите на ДУИ и СДСМ ќе имаат по 18 пратеници, Вреди 14, Левица 6, ЗНАМ 6 а победникот на парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ 58 пратеници.По прегласувањето, со што Европски фронт остана без еден пратеник, кој отиде на контото на Вреди.
Коалицијата на СДСМ има 154.444 вкупно освоени гласови на парламентарните избори, додека коалицијата на ДУИ има вкупно 137.690 гласови. Според законите, на втората политичка сила им припаѓаат некои државни функции како што се претседател на ДИК, МРТВ, АВМУ…
Голема улога можеше да имаат најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека најмалку двајца пратеници од коалицијата Европски фронт би преминале од опозиција на власт. Но, како што објаснуваат оттаму, тоа не значи дека ДУИ ќе падне на 15 пратеници, туку дека договорените пратеници ќе си останат во својата пратеничка група и ќе делуваат во корист на власта само по потреба.
– Преговорите се во тек и со сигурност ќе има пратеници од опозицијата кои во иднина ќе соработуваат со власта. Засега се двајца од Европски фронт и двајца од коалицијата на СДСМ. Но, тоа не значи дека тие целосно ќе го променат дресот, туку ќе си останат во својата пратеничка група, ама ќе ја даваат поддршката за власта кога ќе има таква потреба. Тоа значи дека Европски фронт ќе влезе во Собрание со 18 пратеници, исто како и СДСМ – брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.