СДСМ ги нарече „небулози“ обидите на Митева да ја сокрие изборната измама со ДУИ


 

СДСМ реагираше на тврдењата на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева,  дека тие  градат консензус, а СДСМ работи против државата, откако гласаа против зголемувањето на бројот на министерствата во новата влада.

„Само еден месец по парламентарните избори, јасно е дека ДПМНЕ го излажа народот. Ветуваа ефикасна и намалена јавна администрација, а шверцерски, по итна постапка, без анализа и буџетски импликации, среде ноќ, донесоа закон за зголемување на бројот на министерствата.

Митева и 77-те послушници на Мицкоски имаа можност да зборуваат, ама молчеа, немаа што да кажат.Можеа да кажат дали се пудлици седнати во скутот на ДУИ? Што и да зборува сега Митева, колку небулози да шири, не може да го пренебрегне фактот дека е лажливка, дека заедно со колегите лажговци од ДПМНЕ го излажа народот –  едно зборуваа пред избори, а друго прават сега.Според Мицкоски ништо во политиката не е случајно, па така кампањата на ДПМНЕ против ДУИ се претвори во политички пазар. 

Ветуваа подобри договори и јака меѓународна политика, а веќе отворија кавги со соседите. Ветуваа ќе ја намалат задолженоста, а уште неседнати во фотелјите најавуваат земање кредит од милијарда евра. Сметките за нивните лаги допрва ќе дојдат за наплата, кај граѓаните и државата. ДПМНЕ гордо ги предаде граѓаните, ја изневери довербата на народот“, порачаа од СДСМ.

Претходно Митева рече дека додека ВМРО-ДПМНЕ обезбедува единство и гради консензус за прашања важни за системот и развојот на државата, и тоа без никакви хипотеки кон никого, единствените противници на тоа се “децата” на Заев, како Венко Филипче и Славјанка Петровска.

„Тие наместо за граѓаните водат сметка за лидерската трка во партијата.Измените во Законот за организација на работата на органите на државната управа се рационални и многу потребни, истите се работени и со претставници на ЕУ и се дел од ИПА програмата. Ниту еден политички чинител во државата не може да ги оспори или да не ги поддржи доколку и мисли добро на државата и нема никакви задни намери.

За разлика од нашиот фокус на државните процеси, Венко Филипче и Славјанка Петровска ја ставија својата кариера пред интересите на државата. И од прв ден покажаа дека СДС ќе работи на план како да се запре прогресот на државата.Кој и да дојде како нов претседател во СДС таа партија ќе тоне, затоа што сите нивни кандидати, вклучувајќи ги Филипче и Петровска беа една од многуте причини за нивниот пораз…Македонија е ставена на брза лента кон економска трансформација, евроинтеграции и немилосрдна борба со криминалот и корупцијата“, порача Митева.