СДСМ бара владата да го прифати предлогот за уште 3 денари за килограм грозје


Лозарите се оставени сами да се борат и со винариите и со државата, изјави денеска Трајан Димковски, претседател на Комисија за земјоделство на СДСМ и побара од ВМРО-ДПМНЕ да го прифати решението на неговата партија за дополнителни 3 денари за килограм грозје.

„Денеска, кога се слави традиционалниот ‘Тиквешки гроздобер’, манифестација која потсетува на важноста на лозарството и винарството, за нашите лозари е ден на разочараност и неизвесност.

Додека бербата и откупот на винското грозје се ближат кон крајот, нема најава ниту дали, ниту кога ќе биде ставен на дневен ред предлогот за изменување на Законот за вино по скратена постапка, што го поднесовме во Собранието. Ова само покажува дека власта нема слух, ниту желба да им помогне на лозарите.

Наместо да ги заштити лозарите, владата ги штити големите бизниси – винариите. Додека власта нема слух за 3 денари поддршка за лозарите, без проблем им даде 2 денари поддршка на винариите“, рече Димковски.

Тој ја повика владата да провери и да одговори колку вино е увезено, од кога и за која намена.