СДСМ бара оставка од Мизрахи заради злоупотреба на комисијата за Онкологија


И денеска нема закажано седница на анкетната комисија за Онкологија, ДПМНЕ втор ден бега, објави на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Даниела Марковска.Таа вели дека срамна и неодговорна е злоупотребата на анкетната комисија  од страна на ДПМНЕ и претседателката Рашела Мизрахи.

„ДПМНЕ и Мизрахи покажаа дека нивната цел со комисијата воопшто не била вистината, не биле пациентите, немале намера воопшто нешто да преземат, освен политички да ја злоупотребуваат комисијата за ширење невистини и манипулација на граѓаните. Јавноста и ние пратениците се сомневаме дека намерата на ДПМНЕ е да ја опструира истрагата на надлежните институции и да ја попречува. А тоа се потврдува. Во текот на вчерашниот ден Мизрахи и ДПМНЕ направија преседан во македонското Собрание. Заклучоци напишани во белата палата, без ниту еден доказ и без основа, беа прочитани и комисијата прекината, без притоа воопшто и да се направи обид да се дојде до заеднички заклучоци, усогласени од членовите на анкетната комисија. Ваков скандалозен однос кон случајот, кон Комисијата, кон пациентите, е недозволив“, рече Марковска.

Сега јавноста нема доверба во Мизрахи, ниту во Комисија, вели Марковска.

„Некој што се однесувал скандалозно и неодговорно, кој ги злоупотребувал функцијата во комисијата и македонското Собрание, нема кредибилитет да ја води. Во името на пациентите на Онкологија, во името на вистината и правдата, Мизрахи треба да си даде оставка за сите злоупотреби на комисијата. Случајот на Онкологија по 30 години го отворија институции во време на СДСМ и без разлика на ваквото однесување на ДПМНЕ, одговорност за сите ќе биде утврдена“, додаде Марковска.