Савада: Северна Македонија е стабилна земја, Јапонија ја поддржува за членство во ЕУ


Немам сомнеж во стабилноста на Северна Македонија и сум голем оптимист во однос на процесот на проширување на Европската Унија. Јапонија е силно посветена на поддршката за Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Иницијативата за соработка со земјите од Западен Балкан ја демонстрира таа посветеност.

Ова го потенцира новиот јапонскиот амбасадор во земјава, Хиронори Савада во интервју за МИА, одговарајќи на прашањето дали Јапонија гледа стабилност во Северна Македонија, во смисол на инвестирање во земјава.

Амбасадорот Савада нагласи дека во таа насока е воспоставена и Иницијативата за соработка со Западен Балкан, која најпрво промовира билатерални дијалози на високо ниво и политичка консултација, потоа поддршка за земјите на Западен Балкан преку економска соработка, охрабрување и поддршка на јапонските приватни компании да инвестираат и за поголема трговија за одржлив развој во регионот. Иницијативата предвидува и споделување на јапонските искуства и знаење со земјите на Западен Балкан во врска со развој на човечки ресурси и подобрување на капацитетите, како и  промовирање меѓусебно разбирање преку култура, спорт и студиска размена.

-Со цел да го реализираме овие концепти, ја отворивме Амбасадата во Северна Македонија. Сакам повеќе да промовирам политички дијалог и билатерални консултации за да ги дефинираме приоритетите и да го зајакнеме нашето стратешко партнерство. Се надевам дека може да се остварат наскоро, штом заврши пандемијата со Ковид-19 и тоа годинава, нагласи Савада во интервјуто за МИА.

Јапонија во ист ден со Северна Македонија ја почна вакцинацијата против Ковид-19. Со новиот јапонски амбасадор, кој на должност стапи во ноември минатата година, разговаравме и на оваа тема. Тој посочи дека над четири милиони здравствени работници во Јапонија се во првата приоритетна група, потоа следуваат 36 милиони луѓе кои имаат повеќе од 65 години. Следни за вакцинација се хронично болните, возрасната група од 60 до 64 години, а потоа и сите други јапонски граѓани. Јапонската Владата, нагласи Савада, очекува дека сите граѓани ќе бидат вакцинирани до крајот на годината.

Савада истакна дека Јапонија е одлучна да ги организира Олимпијадата и Параолимпијадата ова лето, со што, како што потенцира ќе му покаже на светот дека Ковид-19 е победен.

-Спортистите од Северна Македонија се добредојдени на Олимпијадата во Јапонија. Во пресрет на игрите, соработката меѓу Северна Македонија и градот Чигасаки во префектурата Канагава во Јапонија (домаќинот на Северна Македонија) е воспоставена и се развива, истакна јапонскиот амбасадор во интервјуто за МИА.

Во продолжение следи целото интервју со јапонскиот амбасадор Хиронори Савада.

Амбасадоре Хиронори Савада, Вие сте втор резидентен амбасадор на Јапонија во Северна Македонија, неодамна стапивте на должноста, какви се Вашите првични впечатоци за земјава? 

-Пред се, многу сум благодарен за топлото добредојде од страна на Владата и народот на Северна Македонија за мене и за мојата сопруга Хитоми. Ова е јасен знак за блискоста на земјата кон Јапонија и за надежите да продолжиме да ги зајакнуваме нашите односи. Земјата има богата историја на култура, јазик и историја на народот. Разновидостна на оваа земја е многу привлечна. Туризмот во земјата има огромен потенцијал. Моето прво искуство надвор од Скопје, мојата посета на Дебар и Гостивар беше мошне импресивна. Со нетрпение очекувам да го посетам и Охрид.

Од Вашето стапување на функцијата и она што можеме ние како медиуми да го проследиме досега имавте повеќе активности за доделување на грантови, особено во рамки на Програмата за мали проекти за човекова безбедност. Фокусот, како да е ставен на здравството, дали тоа е така поради актуелната пандемија на Ковид-19. Вашата претходничка, амбасадорката Кеико Ханеда пред заминување потпиша грант помош од 813 илјади евра за итна помош здравствените институции кои се справуваат со Ковид-19, дали поддршката претстојниот период ќе биде насочена кон здравствениот сектор? 

-Да. GGP-грант програмата за мали проекти за човекова безбедност е во вид на неповратна финансиска помош за болници, основни училишта и други непрофитни организации за директно влијание на благосостојбата на локалните заедници како одговор на основните човечки потреби.

Да се надмине Ковид-19 е глобален предизвик. Годинава одлучивме да и помогнеме на земјата преку ГГП-програмата со акцент на здравствениот сектор во борба против пандемијата. Веќе потпишав пет проекти (три во Скопје, еден во Дебар и уште еден во Гостивар.) Следнава недела ќе биде потпишан проект во Куманово и се надеваме дека ќе бидат потпишани уште четири проекти до крајот на март.

Вкупната сума за грантот во рамките на ГГП-програма ќе достигне приближно 7,7 милиони евра до крајот на март, над 150 проекти, меѓу кои 70 во полето на образование и 53 во здравството.

Грантот во вредност од 100,000,000 јени (813,000 евра), кој беше потпишан во октомври минатата година (Програма за економски и социјален развој) е со цел да се обезбеди медицинска опрема за болниците и клиниките во Скопје. Нашите очекувања се дека опремата ќе биде предадена до летото.

Јапонија освен во здравството ја поддржува Северна Македонија и во други сектори – инфраструктурен развој, образование, животна средина, култура, спречување природни катастрофи, добивме јапонска помош за време на бегалската криза…Каква пооддршка може да очекува Северна Македонија од вашата земја во престојниот период? 

-Освен здравството и образованието, кои се целните области на ГГП-програмата, инфраструктура, животна средина и култура исто така имаат потенцијал за проекти. Сакаме да го споделиме нашето знаење, искуства и технологија.

Кога сме кај културата, Националната опера и балет наскоро ќе добие музички инструменти, опрема за осветлување и озвучување преку грантот за култура во вредност од 79.800.000 јени (663.000 евра). И културни настани се во најава доколку се подобри состојбата со Ковид-19.

Едно е поддршка и помош, друго се инвестиции. Уште во јануари 2018 година, од поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе беше лансирана инцијативата за соработка меѓу Јапонија и шест земји од Западен Балкан, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово. Во некои од овие земји, особено во Србија има јапонски инвестиции. Која е причината за немање јапонска инвестиција во Северна Македонија? 

-Иницијативата за соработка со Западен Балкан има различен концепт и пристап при имплементацијата. Прво, промовираме билатерални дијалози на високо ниво и политичка консултација. Второ, поддршка за земјите на Западен Балкан преку економска соработка (Официјална помош за развој – ОДА). Трето, да ги охрабриме и поддржиме јапонските приватни компании да инвестираат и за поголема трговија за одржлив развој во регионот. Четврто, да ги споделуваме нашите искуства и знаење со земјите на Западен Балкан во врска со развој на човечки ресурси и подобрување на капацитетите. Петто, да промовираме меѓусебно разбирање преку култура, спорт и студиска размена.

Со цел да го реализираме овие концепти, ја отворивме Амбасадата во Северна Македонија. Сакам повеќе да промовирам политички дијалог и билатерални консултации за да ги дефинираме приоритетите и да го зајакнеме нашето стратешко партнерство. Се надевам дека може да се остварат наскоро, штом заврши пандемијата со Ковид-19 и тоа годинава.

Многу активни сме во имплементацијата на ОДА во земјава. Северна Македонија е една од најголемите корисници на јапонската ОДА во регионот. ГГП-програмата е една од најуспешните пристапи. Техничка помош и трансфер на технологијата преку Јапонската меѓународна агенција за соработка е уште една добра практика. Отворени сме за да разговараме за нови проекти, меѓу кои и проекти за средства.

Голем предизвик е да се промовира повеќе бизнис и трговија помеѓу земјите. Во 2019, откако премиерот Абе ја најави Иницијативата за соработка со Западен Балкан, Јапонската организација за надворешна трговија испрати економски тим на чело со вицеминистерот за економија, трговија и индустрија во Северна Македонија, составена од јапонски бизнисмени за состаноци со Владата и преставници од економскиот сектор да за разговараат за можностите и потенцијалите за инвестирање во Северна Македонија.

Во полето на зајакнување на капацитетите, Северна Македонија е предводник во регионот кога станува збор за зајакнување на соработката со Јапонија. На пример, скопскиот универзитет воспостави соработка со Универзитетот за национална и светска економија во Бугарија во врска со специјална програма за развој на човечки ресурси за мали и средни претпријатија заедно со Универзитетот во Нагасаки преку Јапонската меѓународна агенција за соработка. Вториот циклус во моментов е во тек на Универзитетот во Скопје. Во врска со намалување на ризикот од катастрофи, Центарот за управување со кризи (ЦУК) има долга соработка со Јапонската меѓународна агенција за соработка и го споделил знаењето и неговите искуства во регионот преку семинари. Новиот проект на Јапонската меѓународна агенција за соработка, врз основа на искуствата на ЦУК, се реализира во моментов во Косово.

За меѓусебно разбирање преку културна размена, потпишавме договор за соработка со Националната опера и балет како што веќе спомнав. Има одлична можност за размена во полето на спортот на Олимпијадата ова лето. Се надевам дека ќе се одржи откако пандемијата ќе заврши. Експо 2025 во Осака е уште една голема шанса за промоција на земјата во Јапонија и во светски рамки.

Правна сигурност, заштита од корупција, поволен систем за оданочување, предвидливост, барем во период од десет години бараат јапонските компании. Северна Македонија сега е членка на НАТО, процесот за интегрирање во ЕУ се оддолжи поради бугарското вето, дали Јапонија гледа стабилност во Северна Македонија? 

-Пред да го одговорам прашањето, сакам да и честитам на Владата и на граѓаните на Северна Македонија за долгите и болни, но успешно преговори со НАТО, ЕУ и со соседните земји. Не се сомневам во стабилноста на земјата и навистина сум оптимист за процесот на проширување на ЕУ. Јапонија е цврсто определена да ја поддржува Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Иницијативата за соработка со Западен Балкан е доказ за тоа.

Во кои сектори двете земји можат особено да соработуваат во однос на узвоз-извоз, што е она што од Северна Македонија е интересно за јапонскиот пазар?

-Нема сомнежи за добриот квалитет на македонските вина. Асоцијацијата на винарии на Македонија работи на тоа да извезува повеќе македонски вина во светот. Се надевам дека може да имаме повеќе разновидност од вина на јапонскиот вински пазар, кој е во опаѓање. Но, сакам и повеќе да промовирам јапонско саке, вино и виски заедно со автентични јадења во Северна Македонија, што претставува уште еден вид на културна размена за промоција на меѓусебно разбирање од двете страни.

Ковид-19 ја погоди светската економија во целина, како оваа криза се одрази врз јапонската економија, која е една од најмоќните во светот и дали ковид кризата влијаеше врз трговската размена меѓу двете земји? 

-Според Владата, во четвртиот квартал на 2020, БДП се зголеми за 3 отсто споредено од претходно, но доколку целата година се земе предвид, тоа е -4,8 отсто, за првпат во 11 години од 2009. Во врска со билатералната трговија, обемот на билатерална стоковна размена со Северна Македонија е ограничен и не верувам дека е е погодена.

И покрај фактот дека некои компании пропаднаа како последица на пандемијата, сепак некои од нив, не само во Јапонија, се развија во оваа ситуација. Се надевам светската економија ќе се опорави наскоро.

Корона вирусот не ја одмина ниту Вашата земја. Неодамна се вративте од Јапонија. Каква е ситуацијата, прогласена е вонредна состојба минатиот месец во Токио и некои други региони. Како земјата се справува со ширењето на вирусот и на што се должи овој раст на случаите? 

-Јапонија е една од земјите која успешно ја контролира ситуацијата со Ковид-19 со помалку драстични мерки. Ние немавме толку строги затворања како во европските земји. Ситуацијата во Јапонија е подобрена овој месец во споредба со претходниот. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи.

За овој месец е најавен почетокот на вакцинацијата. Набавени се 144 милиони вакцини на Фајзер, потпишани се и договори со британската „АстраЗенека“ и американската „Модерна“ за набавка на 310 милиони дози вакцини, доволни за целото население во земјата. Први на листата се здравствените работници, до мај се очекува да бидат вакцинирани и другите категории граѓани. Како тече процесот? 

-Вакцинацијата започна на ист ден со вакцинацијата во Северна Македонија. Над четири милиони здравствени работници се во првата приоритетна група и следуваат 36 милиони луѓе кои имаат повеќе од 65 години. Потоа, следни се луѓето со хронични болести (над осум милиони), возрасната група од 60 до 64 години (7,5 милиони) и други (70 милиони). Владата очекува дека сите граѓани ќе бидат вакцинирани до крајот на годината.

Според последните информации во медиумите Вашата земја се соочува со недостиг од шприцеви, со кои може да се извлечат шест дози од секое пакување, што може да ја наруши програмата за вакцинација. -Лекарите во Јапонија ќе треба да фрлат дел од вакцините против коронавирусот, произведени од американската фармацевтска компанија Фајзер, поради недостиг на доволен број специјални шприцеви, изјави генералниот секретар на јапонската Влада Кацунобу Като. Каква е состојбата?

-Владата прави обиди да набави доволно шприцови да извади шест дози од една вијала и максимално да зачува од вакцината во тесна координација и соработка со компанијата која ги произведува шприцевите.

И покрај состојбата со Ковид-19 јапонските власти не отстапуваат од заложбите Олимписките и Параолимписките игри да почнат како што е планирано на 23 јули. Дури е најавени и вработување на десет илјади здравствени работници за ОИ. Како би се одржал овој светски настан во новонастанатите услови на Ковид-19? 

-Јапонија е одлучна да ги организира Олимпијадата и Параолимпијадата ова лето, што ќе му покаже на светот дека Ковид-19 е победен. Спортистите од Северна Македонија се добредојдени на Олимпијадата во Јапонија. Во пресрет на игрите, соработката меѓу Северна Македонија и градот Чигасаки во префектурата Канагава во Јапонија (домаќинот на Северна Македонија) е воспоставена и се развива. За да ги пречекаме пријателите, во градот имаше повеќе настани за запознавање со Северна Македонија. До сега, голем број на граѓани на Чигасаки се запознаени со Северна Македонија откако посетиле изложба за Мајка Тереза во музејот и училиштата, штандови за храна и пијалоци во трговските центри, како и откако студентите во градот пробале ќебапчиња. Ова е пример на меѓусебно разбирање преку културна и спортска размена и студиски престои. Се надевам позитивната атмосфера ќе продолжи и за време на Олимпијадата.

Господине Савада во Јапонија на 23 февруари ќе се одржи уште еден настан, важен за вашата нација, роденденот на јапонскиот цар Нарухито. Роденденот на царот е национален празник, вообичаено се празнува во Царската плата, која е отворена за јавноста. Како оваа година во услови на Ковид-19 Јапонија ќе го одбележи роденденот на царот?  

-На 23 февруари се слави 61 роденден на Неговото Височество, Царот на Јапонија. Во Јапонија, но и насекаде во светот се слави како празник и се покануваат владини претставници, дипломати, пријатели на Јапонија од сите области и јапонските граѓани на настани, меѓу кои и на прием. За жал, моменталната ситуација со Ковид-19 не дозволува такво нешто сега. Ќе испратам порака во чест на празникот и на јапонско-македонското пријателство. Се надевам следната година ќе бидеме во можност да прославиме со физичко присуство со пријателите од оваа убава земја, Република Северна Македонија.