Саудиска Арабија предупредува на „катастрофа“ ако Ормутскиот теснец остане затворен
Саудиска државна нафтена компанија ја нарекува кризата убедливо најголема што ја видел регионот, но фирмата може да пренасочи 70 отсто од извозот и да ја искористи суровата нафта што се чува во складишта
Државната нафтена компанија на Саудиска Арабија предупреди на „катастрофални последици“ за светските пазари на нафта доколку војната меѓу САД и Израел со Иран продолжи да го блокира превозот во Ормутскиот теснец.
Најголемата светска нафтена компанија очекува да може да извезува околу 70 отсто од своето вообичаено производство на сурова нафта и покрај притисокот врз виталната трговска артерија, но нејзиниот извршен директор предупреди дека сепак ќе има „драстични“ последици за светската економија доколку прекинот продолжи.
Пратките со нафта од Блискиот Исток се блокирани од минување низ тесниот воден пат откако САД и Израел го нападнаа Иран пред 11 дена, бришејќи околу 20 милиони барели нафта од глобалниот пазар секој ден.
Амин Насер, извршен директор на „Арамко“, рече: „Иако се соочувавме со прекини во минатото, оваа е убедливо најголемата криза со која се соочи нафтената и гасната индустрија во регионот“.
„Арамко“ не можеше да испорачува сурова нафта од Заливот поради прекинот, но се надева дека ќе ги задоволи барањата на клиентите со испорака на сурова нафта преку цевководот исток-запад до пристаништето Јанбу на Црвеното Море, каде што би можела да се испорача до купувачите.
Компанијата планира да ги зголеми пратките преку цевководот за да го достигне својот полн капацитет од 7 милиони барели дневно во следните неколку дена, соопшти компанијата. Околу 2 милиони барели дневно ќе бидат испратени до рафинериите на Саудиска Арабија на западот од земјата, оставајќи 5 милиони барели дневно за глобалниот пазар на сурова нафта. Ова претставува околу 70 проценти од вообичаениот извоз на кралството.
Обично околу 100 танкери дневно минуваат низ тесниот воден пат што се наоѓа јужно од Иран, но бројот се намали на едноцифрена бројка откако Корпусот на Исламската револуционерна гарда се закани дека ќе „запали“ секој брод што ја користи трговската рута, која носи една петтина од светската нафта и течен природен гас.
„Арамко“ соопшти дека сега ги задоволува повеќето од потребите на своите клиенти делумно со искористување на суровата нафта што се чува во складишта надвор од регионот на Заливот.
Нарушувањето предизвика цените на глобалните пазари на нафта да скокнат до максимум од 119 долари за барел оваа недела, највисока цена од 2022 година кога Русија ја нападна Украина, зголемувајќи стравувања за глобалната економија. Цената на суровата нафта од типот Брент во вторникот се тргуваше за околу 91 долар.
Насер рече: „Ќе има катастрофални последици за светските пазари на нафта, а колку подолго трае нарушувањето… толку подрастични ќе бидат последиците за глобалната економија“.
Министрите за финансии на Г7 се состанаа во понеделник за да разговараат за плановите за ослободување на итните резерви на сурова нафта што ги чуваат глобалните влади за да помогнат во ублажувањето на растечките цени на нафтата. Сепак, немаше договор за продолжување со ослободувањето, што се случи само во пет наврати во историјата на пазарот.