Сашо Коруновски реизбран за ректор на Битолскиот универзитет


Актуелниот ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, проф. д-р Сашо Коруновски, е реизбран на таа функција.

На денешните непосредни и тајни избори, членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците на Универзитетот му доверија нов, тригодишен мандат на Коруновски и предност наспроти неговиот противкандидат, професорот Тале Герамитчиоски.

Како што е познато, актуелниот и новоизбран ректор Коруновски дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, а потоа магистрирал и докторирал историја на уметност и археологија на Универизтетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил професор и декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а предавал и на Архитектонскиот и на Филозофскиот факултет во Скопје. Член е на многу научни тела, автор на бројни научни трудови.

Постапката за избор на ректор беше во согласност со Законот за високото образование, Стаутот на Универзитетот и Упатството за постапката за избор на ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.