Санторини – магичен остров извајан од вулкански оган


Каде и да погледнете кога ќе пристигнете во Санторини, сликите и глетките ве потсетуваат дека се наоѓате на вулкански остров: лунарни пејзажи, црни и црвени плажи, камчиња од стврдната лава, но пред сѐ зачудувачката убавина на ова место, кое било извајано за време сурово вулканско минато, пишува Си- ен-ен.

Овој остров во архипелагот Киклади во јужниот дел на Егејското Море е познат по својата воодушевувачка калдера, езеро во вулкански кратер во облик на полумесечина. Калдерата на Санторини е создадена во една од најголемите познати вулкански ерупции пред околу 3.600 години. Се верува дека ерупцијата била толку моќна што целосно го уништила античкиот град Акротири на Санторини и ѝ нанел фатален удар на античката поморска цивилизација на Минојците, кои живееле на островот во тоа време, наведува Си-ен-ен.

Денес, Санторини, познат и како Тира, е едно од најромантичните одморалишта во Грција со луксузни вили и хотелски комплекси кои на најразгалените посетители им овозможуваат врвен одмор, амбиент од соништата за раскошни свадби и гламурозни забави.

Стрмните вулкански карпи на островот кои се издигнуваат до 305 метри надморска височина, начичкани со традиционални куќи обоени во блескаво бело со азурно сини ролетни, им овозможуваат на посетителите уникатни, воодушевувачки сцени кои го прават Санторини веројатно една од најфотографираните локации на планетата.