Самоволие во издавањето изводи: Системот „е-услуги“ бил глуп, бројчаникот врти за тие без бројче
„Почитувана, документот е одобрен и подготвен за подигнување“. Со ваква порака Управата за водење матични книги ги повикува корисниците на порталот „е-услуги“ да ги подигнат документите за кои аплицирале онлајн. Доттука, многу европски и експедитивно.
И кога ќе влезете во просториите на Управата, промовирани свечено како „Една точка за услуги“, се е обезбедено вадењето на разно разни изводи да тече во европски стандарди. Но, во практика не е така и „Една точка за Услуги“ се претвора во „Точка за навреди и малтретирања“.
Повеќе граѓани со вака добиени „европски“ известувања, што аплицирале и веќе платиле онлајн, ќе се пожалат дека чекаат и две недели по известувањето, при што дошле неколкупати да го подигнат документот , а објаснувањето било дека „системот е глуп“ и праќа вакви пораки пред да се стават на хартија изводите. Никој не знае ни кога ќе бидат готови, па морате да доаѓате по трипати или повеќе, да си ја пробате среќата како на лотарија.
Каква е пак работната атмосфера во подновената и промовирана „Една точка…“- е друго прашање. Иако над секој шалтер има бројчаник, бројката стои, а се редат луѓе за кои објаснувањето беше дека се „дојдени“ од сабајле, а сега е попладне. По секој извод вработениот исчезнува десетина минути, па на прашањето „работи ли воопшто“ одговорот на насобраните и изнервираните беше „Не, освен ако не си Албанец“. Такви беа сите што беа „дојдени од сабајле“. Откако некој се дрзна да реагира вработениот збесна и го повика обезбедувањето да ги отстрани сите што чекаа во влезот на управата, практично надвор од просторијата, за да не гледаат колку работи, како работи и зошто му служи бројчаникот над глава.