Самит на Македонија2025: Визијата е земјава да стане водечка економија и најпросперитетна држава во регионот
Не постојат добри услови за почеток на позитивните промени. Добрите услови ќе бидат резултат на позитивните промени. Успехот на нашата генерација ќе се оценува врз основа на тоа дали ќе успееме да обезбедиме подобра иднина за нашите млади, тука во Република Северна Македонија. А тоа ќе го постигнеме само ако изградиме напредно општество втемелено врз знаење и одржлива економија втемелена врз технологии, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на јубилејниот 10. Самит на Македонија2025 чија клучна тема е дигитализацијата.
Како што напомена Пендаровски, колку и да изгледа несоодветно да се зборува за дигитализација во време кога државата се соочува со сериозна енергетска криза и ценовни шокови, сепак, не смее да се дозволи актуелните предизвици да го спречат планирањето на овој неопходен чекор на развојот. Имаме само една опција, наместо да чекаме да завршат турбулентните случувања, треба со двојна енергија да работиме на преобмислување на постулатите на нашиот економски раст и развој.

-Иако огромен број од нашите граѓани имаат пристап до интернет, најголем дел од нив го користат претежно за информирање и комуницирање преку социјалните медиуми. Неопходно е да ги насочиме нашите напори кон развивање дигиталната писменост и вештини зашто тие веќе станаа незаменлив критериум за рамноправно вклучување во глобалниот пазар на трудот, потенцира Пендаровски.
Ние, рече, не почнуваме од нула. Во земјава постои солиден ИТ сектор кој секоја година бележи се поголем раст со креирање нови работни места и со зголемување на уделот во македонската економија.
-Покрај намалувањето на невработеноста и раст на економијата, дигитализацијата овозможува транспарентност неопходна за да ја минимизираме можеби најголемата болест за секоја држава, а тоа е корупцијата. Тука ја вклучувам и секојдневната, таканаречена ситна или бенигна корупција која ги оптоварува јавните услуги, но, уште повеќе високата, малигна корупција поврзана со организираниот криминал, истакна шефот на државата.
Тој се осврна и на проектот „МКД2030“ кој го иницираше на почетокот на неговиот мандат како автентична стратешка рамка за развој на Северна Македонија до крајот на оваа деценија, како и на Националната развојна стратегија 2021-2041 која како следна фаза треба да се надоврзе на „МКД2030“.

За да биде реално остварлив, тој развој, нагласи, мора да се фокусира на дигитализацијата.
Претседателот во обраќањето потсети и дека во својот најнов стратешки извештај, Европската комисија ја идентификува дигиталната хиперповрзаност и технолошката трансформација како еден од четирите клучни глобални трендови што ќе влијаат на ЕУ до 2050 година. Во блиска иднина, дополни, половина од професиите ќе бидат автоматизирани, а многу професии едноставно ќе станат непотребни.
Осврнувајќи се на тековната глобална рецесија предизвикана од пандемијата, Пендаровски напомена дека според својот интензитет и опфат таа ги надминува ефектите на финансиската и кредитна криза од 2008 година.
-Оваа, да ја наречам, концентрација на кризи, како и на многу други места во светот, ги покажа нашите структурни и системски слабости. Ќе ја спомнам само актуелната енергетска криза што прави дополнителен притисок врз економијата, компаниите и врз граѓаните, затоа што сме високо енергетски зависни од увоз. Соочени со сево ова, ние имаме само една опција. Наместо да чекаме да завршат турбулентните случувања, треба со двојна енергија да работиме на преобмислување на постулатите на нашиот економски раст и развој. Во тој поглед не сме единствени. Многу национални стратегии и планови ќе мора да бидат ревидирани и прилагодени на новата реалност, за полесно и поодржливо пост-КОВИД закрепнување, истакна Пендаровски.
Светскиот економски форум проценува дека поради забрзаната дигитализација на глобалната економија веќе во наредната деценија дури 70 отсто од вредноста создадена преку производство и услуги ќе се темели на дигитални бизнис модели, а во овие процеси, дециден е претседателот, предност ќе имаат дигиталните општества со развиена дигитална инфраструктура и култура на иновативни, инклузивни и одржливи бизнис стратегии.
-Каде се наоѓаме ние во оваа слика? Според најновите податоци на Евростат од 2020 година, просекот на дигитализација и дигитални вештини во Северна Македонија е само 32 отсто, додека просекот во ЕУ е 56 проценти. Иако огромен број од нашите граѓани имаат пристап до интернет, најголем дел од нив го користат претежно за информирање и комуницирање преку социјалните медиуми. Неопходно е да ги насочиме нашите напори кон развивање дигиталната писменост и вештини кај граѓаните зашто тие веќе станаа незаменлив критериум за рамноправно вклучување во глобалниот пазар на трудот, потенцира шефот на државата.

Во прилог на оваа теза, рече, доволно е да се погледне четвртиот Глобален индекс за корупција за 2021 година што покажува дека дигитално најразвиените европски држави имаат најниско ниво на корупција. Освен тоа, укажа Пендаровски, дигитализацијата ќе го крене нивото на услуги за граѓаните, ќе придонесе да имаме поточни и навремени податоци за состојбите во државата, ќе го олесни водењето на бизнисот, ќе создаде поволна клима за иновациите, отворањето инкубатори и стартапи, и образувањето на нова генерација дигитални номади.
Пред присутните се обратија и главната извршна директорка на Македонија2025, Никица Мојсовска Блажевски, како и претседателот на Бордот на директори на Македонија2025, Мајкл Чкламовски.
Според Мојсовска Блажевски, визијата на Македонија2025 е земјава да стане водечка економија и најпросперитетна држава во регионот, како и да промовира одржлив економски развој што ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори.

-Со нашата визија се надевам дека ќе спречиме и одлив на луѓе, посебни на млади, потенцира директорката.
Таа се осврна на сработеното во изминатите 10 години, ноги спомна и новите иницијативи.
Мојсовска Блажевски информираше дека на Самитот досега имало над 3 000 посетители, 520 говорници од 80 земји меѓу кои врвни менаџери и сопственици на бизниси, реформатори, претставници на тинк-тенк организации, академската заедница и дипломатски претставници. Реализирани се над 45 бизнис форуми, сто соработки, но и влез на 15-на странски инвститори. Лобирано е за одредени економски програми, за поедноставување на административните процедури, а поддржани се и млади претприемачи со обуки кои ќе им овозможат отворање сопствени бизнис.
Пред присутните се обрати и претседателот на Бордот на директори на Македонија2025, Мајкл Чкламовски кој нагласи дека Македонија2025 има многу амбициозни цели од кои голем дел, како што рече, ќе бидат постигнати.
-Имаме одлични резултати и кога ќе успееме тоа дава кредибилитет на сите други наши активности. Дипломци е можеби нашата најдобра програма. Финансираме многу стипендии на јасен и транспарентен начин, 125 само во 2021 година, рече Чкламовски.
Тоа, како што кажа, долгорочно ќе помогне земјава да се позиционира како лидер во бизнисот во регионот.

Самитот е организиран преку пет панели и едно главно интервју, при што 28 говорници зборуваат пред 100 гости и пред околу 300 гости вклучени онлајн.
На Самитот се презентираат најновите достигнувања, трендови, знаења и вештини во областа на дигитализацијата, циркуларната економија, успешните регионални бизниси од областа на технологијата и ИКТ секторот, а ќе се зборува и за жешките економски прашања – инфлацијата, растот на економиите, енергетска криза и други.
Македонија2025 и МАНУ годинава основаа работен тим составен од над 20 члена кои ќе работат на Дигитална иницијатива МК2025. Во работниот тим членуваат претставници на четири стопански комори, три политички партии од власта и опозиција, министерот за информатичко општество, претставник од кабинетот на вице-премиерот Битиќи, како и членови од неколку дипломатски претставништва и невладини организации.