Салвадор можеби седи на куп злато. Католичката црква не сака златото да се вади
Римокатоличката црква во неделата го повика претседателот на Ел Салвадор да не ја укинува забраната за ископување злато во таа земја, пренесува АП. Како што наведуваат, надбискупот Хозе Луис Ескобар Алас побарал од салвадорскиот претседател Најиб Букеле да не ја укинува забраната што е на сила од 2017 година.
„Тоа ќе ја уништи оваа земја засекогаш“, рече тој за време на проповедта. Неговото гледиште го делат граѓанските и еколошките организации.
Во средата, Букеле ја нарече седумгодишната забрана за ископување на металот „апсурдна“ и рече дека неискористеното злато може да биде „богатство што може да го трансформира Ел Салвадор“, во објава на социјалната мрежа Х.
Шансите за значителен отпор кон планот се минимални
Партијата на Букеле има големо мнозинство во Конгресот на Ел Салвадор, а политичката опозиција е десеткувана, така што формалниот предлог за укинување на забраната веројатно нема да наиде на значителен отпор.
Пред седум години, во 2017 година, Ел Салвадор ги забрани сите видови ископување метали, како на површината така и под земја. Широка коалиција на сектори, вклучително и Католичката црква, ја поддржа забраната за заштита на водните ресурси на малата земја од загадување.
Во тоа време, истражувањата открија наоѓалишта на злато и сребро, но немаше големи рударски операции. Не е јасно колку злато има во земјава. Во средата, Букеле предложи „модерно и одржливо“ рударство кое ќе ја заштити животната средина, а еколозите брзо ја критикуваа поддршката на претседателот за рударството.
„Не е точно дека има зелено рударство, тоа се плаќа со животи, проблеми со бубрезите, респираторни заболувања и леукемија, чии ефекти не се веднаш видливи“, рече Амалија Лопез од Алијансата против приватизација на водата.
Си ги погази сопствените зборови од првиот мандат
Нивната загриженост ја вклучува количината на вода потребна за рударските операции и складирањето на вода контаминирана со тешки метали. Ова претставува пресврт за многу популарниот и неодамна реизбран Букеле, кој за време на неговата прва претседателска кампања во 2019 година изјави дека ја поддржува забраната за рударство.