САД се подготвени да гласаат за резолуцијата на СБ на ОН за Газа


epa09789934 Players of Liverpool celebrate their victory after the penalty shoot out of the English Carabao Cup final match between Chelsea FC and Liverpool FC at the Wembley stadium in London, Britain, 27 February 2022. EPA-EFE/ANDY RAIN EDITORIAL USE ONLY. No use with unauthorized audio, video, data, fixture lists, club/league logos or 'live' services. Online in-match use limited to 120 images, no video emulation. No use in betting, games or single club/league/player publications

САД се подготвени да гласаат за предложената резолуција на Советот за безбедност на ОН за Газа по неколку одложувања, а за резолуцијата се очекува да се гласа денеска, изјави американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд.

Томас-Гринфилд истакна дека САД во текот на изминатата недела напорно работеле со Обединетите Арапски Емирати, Египет и други земји за да излезат со нацрт-резолуција за Појасот Газа што Вашингтон може да ја поддржи, јави Си-Ен-Ен.

Американската амбасадорка ја даде изјавата по состанокот зад затворени врати на кој Советот за безбедност повторно го одложи гласањето за резолуцијата со која се бара прекин на борбите меѓу Израел и Хамас и зголемување на хуманитарната помош за Газа.

Томас-Гринфилд рече дека денеска ќе се гласа за нацрт-резолуција што Вашингтон може да ја поддржи. Таа додаде дека резолуцијата предвидува испораката на хуманитарна помош да биде приоритет.

САД претходно гласаа против повиците за прекин на огнот во Појасот Газа на Генералното собрание на ОН, а ставија и вето на резолуцијата на Советот за безбедност која го вклучуваше зборот „прекин на огнот“ во текстот.

Заменик-амбасадорот на САД во ОН Роберт Вуд тогаш пред Советот за безбедност изјави дека тоа е затоа што нацртот не ги спомнува нападите на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.

ДПА, која имала увид во најновата нацрт-резолуција, јави дека во текстот се повикува Израел веднаш да дозволи безбеден и непречен хуманитарен пристап до Појасот Газа и оти мора да се создадат и услови за одржлив прекин на насилството.

Според агенцијата, членките на најмоќното тело на ОН постигнале компромис за контроверзното прашање за тоа како треба да се проверуваат стоките: проверките треба да ги врши новоименуваниот координатор на ОН. Во соработка со сите учесници, овој координатор треба да обезбеди и забрзување на меѓународната помош.

Другите пасуси се избришани под притисок на САД, вклучително и параграф со кој се осудуваат сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучувајќи ги и сите неселективни напади врз цивили и цивилни објекти. Итниот прекин на насилството, кој се бараше претходно за да се овозможи испорака на помош, исто така, го нема во најновиот нацрт.

За усвојување на резолуцијата потребни се најмалку девет гласа „за“ од 15-те членки. Право на вето имаат САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција.