Сабато де Сарно го наследува Александро Микеле во „Гучи“
Роден во Неапол, Сарно е моден ветеран со многу добра биографија, иако неговото име е релативно непознато за јавноста
Италија- Керинг и Гучи официјално објавија – Сабато де Сарно е новиот дизајнер кој ќе го преземе кормилото на модната куќа Гучи и ќе ја однесе во нов правец, веројатно колку што е можно подалеку од барокниот максимализам кој до неодамна го водеше дизајнерот Алесандро Микеле .

Роден во Неапол, Сарно е моден ветеран со многу добра биографија, иако неговото име е релативно непознато за јавноста. Лидерите решија да ја препуштат најмоќната италијанска куќа во рацете на Италијанците – дизајнерот ја започна својата кариера во Прада во 2005 година, потоа се пресели во Долче и Габана, а во 2009 година му се придружи на Валентино, каде работеше со Пјерпаоло Пичоли на одговорна позиција до оваа година и ги надгледуваше машките и женските модни линии.
„Среќни сме што Сабато му се придружи на Гучи како нов креативен директор, една од највлијателните позиции во луксузната индустрија. Верувам дека неговото разбирање за историјата и наследството на Гучи ќе го одведе креативниот тим во ново возбудливо поглавје, дополнително зајакнување на позицијата на Гучи на глобалната модна сцена“, изјави Марко Бизари, извршен директор на Гучи.
Како и Бизари, и Сарно беше скромен со зборовите во изјавата – изрази возбуда и задоволство од новиот деловен ангажман и се заблагодари за довербата. Неговата прва модна линија за Гучи ќе биде прикажана во септември оваа година, во Милано.
Веста за заминувањето на Микеле и Гучи пред два месеци го потресе модниот свет – Микеле работеше во Гучи две децении, од кои седум беше креативен директор. Во тој седумгодишен период, тој внесе разиграност, унисекс максимализам и забава на Гучи, го лансираше новиот ‘it’ модел на чантата Дионисус и ги врати култните модели како што е чантата Џеки. Гучи на тој начин стана луксузен бренд за сите генерации, од постари до млада генерација Z, а Гучи беше меѓу првите што зачекори во виртуелниот свет и метаверс. Хари Стајлс, Дакота Џонсон, Дајан Китон се дел од познатите имиња кои носеа креации како бренд амбасадори. Сето ова придонесе Гучи да стане најпопуларен во светот, а за седум години заработката на Гучи се зголеми за четири пати и достигна 10 милијарди евра. Сепак, во 2022 година, растот на модната куќа стагнира, што беше црвено светло за Керинг и раководството. Од Микеле беше побарано да ја промени креативната насока, што на крајот доведе до крајот на нивното заедничко патување.

Последната колекција на Гучи на машката модна недела веќе навести со првиот изглед на модната писта враќање на помирна естетика која донекаде потсетува на онаа на Том Форд кога тој ја водеше италијанскиот бренд. Том Форд донесе силен сексапил на Гучи, Микеле го водеше Гучи во сосема друга насока, а Сабато де Сарно ќе ја понуди својата визија за која ќе се шпекулира до септември, но дури тогаш ќе бидеме сведоци на нова ера на Гучи. Во последните години со Валентино продуцираше трендови како розовата боја, соработуваше и со познати личности, на пример со Никол Пелц на нејзината венчаница, па веруваме дека во Гучи во новата ера акцентот ќе биде ставен на елеганцијата во италијански начин. Сарно, како Микеле и Форд кога го презедоа Гучи, е непознато име – досега ова се покажа како успешен рецепт за градење на модната куќа како најпопуларна на луксузната сцена. Засега ништо друго освен – ја чекаме неговата прва колекција.