Русковска за сведочењето на Заев: Обвинетите не се мали деца да ги манипулираат


По денешното сведочење на премиерот Зоран Заев за настаните од 27 април 2017 година, со кое тој се посомнева дека биле организатори на нападот обвинетите политичари во случајот, со исклучок на неговиот претходник Никола Груевски, обвинителката  Вилма Русковска  изјави дека нема намера да го повлекува обвинението бидејќи Заев не само што не понудил докази, туку и не бил повикан, ниту би можел да биде повикан како вешто лице.

„Обвинетите не се мали деца за да можат да бидат изманипулирани, тие беа и државни функционери. Јас со вакво тврдење апсолутно не се согласувам и очекувам судот да ги цени материјалните докази”, рече Русковска.

Во однос на тоа дали премиерот Зоран Заев досега споделил нешто вакво со неа, со оглед дека беше сведок и во претходната постапка, Русковска, рече дека денеска тој се појави во својство на сведок на одбраната.

На прашањето дали ќе отвори истрага по исказот на Заев, Русковска рече дека тој дал свое мислење и не може да се отвори истрага за дадено мислење.

Заев претпладнево во улога на сведок во судницата изјави: „Не мислам дека главни осмислувачи и организатори на настаните во Собранието од 27 април 2017 година се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељановски и другите тука. Според мои сознанија, овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски. Знам што се случувало тогаш и не верувам дека е коректно вакво тешко дело”, рече Заев во поглед на обвинителниот акт.