Рускоска: Политиката е вмешана во судењето за „27 април“


Од она што го имаме како докази, сметам дека поранешниот премиер Никола Груевски е нарачател на настаните што се случија на 27 април 2017 година во Собранието. Се надевам дека наскоро ќе се покрене обвинение за четворица од организаторите и нарачателите на настанот, а за двајца кои се недостапни е запрена истрагата до нивното пронаоѓање, рече  обвинителката Вилма Рускоска.

Според неа, има вмешаност на политиката во судењето за предметот „27 април“.

-И настаните се случија во Собранието, и амнестијата ја даде Собранието. Може има оправдување за тоа што го направија, но не би сакала да се повтори и политиката повторно да се меша во правосудството, рече Рускоска вечерва во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Посочи дека не и е јасно зошто Интерпол не објави потерница против двете лица кои се недостапни, кога претходно, како што рече, објави потерници за останати пет лица вмешани во настаните од 27 април, од кои дел се осудени, а за последното фатено лице во Шведска веќе е доставено барање за екстрадиција.

За случајот „Дива населба“ во кое таа била втор обвинител, според неа, има многу цврсти докази за сите обвинети и има ДНК-анализа и отпечатоци од сите осудени. Посочи дека нејзиниот колега кој бил прв обвинител веќе поднел жалба за ослободителната пресуда за четворица од осудените и сега, како што рече,  чекаат да видат што ќе одлучи Апелацискиот суд.

-Овој предмет е многу добро сработен и воопшто нема политика во него. Не гледам каде граѓаните што протестираа гледаат политика во случај во кој од двете страни има загинати. СЈО досега од нас го нема побарано овој предмет. Слушнав дека нема „бомби“ за него, туку само индиции, истакна  Рускоска.