Руски научници одгледaa лубеници на Антарктикот


Руски поларни истражувачи успешно одгледувале лубеници на станицата Восток на Антарктикот, најстуденото место на светот, објави Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот (ААРИ).

– Резултатите од експериментот се импресивни. Успеавме да ги одгледуваме најјужните лубеници во најтешките услови на Антарктикот. Вкусот и мирисот не се полоши од лубениците што ги имаме дома. Големината на плодовите е со дијаметар од 13 сантиметри, а тежат до еден килограм – вели геофизичарот на ААРИ, Андреј Тепљаков, кој го води проектот на станицата Восток.

Експериментот беше заеднички проект на ААРИ, Институтот за агрофизички истражувања и Институтот за биомедицински проблеми на Руската академија на науките.

Во соопштението, ААРИ наведува дека поволните услови за растенијата, како што се температурата и влажноста на воздухот, ги создале научниците со помош на фитотехнички комплекс заеднички дизајниран од Астрофизичкиот институт и научниците.

„При одгледувањето на растенијата се користеше тенок слој замена за почва, хранливи раствори и специјално избрано осветлување. На почетокот на април се појавија две сорти ранозрели лубеници, кои се способни да се прилагодат на низок атмосферски притисок и недостаток на кислород, кои беа засадени. Цветовите беа опрашувани рачно на крајот на мај, а во јули поларните опрашувачи можеа да ги вкусат првите плодови. Целиот процес траеше 108 дена“, се вели во соопштението.

Директорот на ААРИ, Алаксандар Макаров, рече дека покрај научниот интерес и практичните придобивки од свежиот зеленчук, бобинки и зелени салати, заедничкиот проект има „многубројни дополнителни важни предности“.

„Стаклената градина на станицата има позитивен ефект врз емоционалната состојба на поларните истражувачи. Воведувањето на практиката на одгледување растенија во сите руски поларни станици е тема за која се зборува долго време, но се прават прецизни пресметки на ефикасноста и потребни се финансии за проектот“, рече Макаров.

Многу истражувачи поминуваат месеци во изолација, во услови на поларна ноќ, ниска температура и ограничен простор за живеење.

Експериментот наречен „Растенија“ беше лансиран во Восток во февруари 2020 година, а оттогаш научниците успешно развија систем за одгледување на 80 видови зеленчук, вклучувајќи домати, пиперки, копар, спанаќ, зелена салата и многу повеќе. Следната цел на тимот е да развие технологија за одгледување капини, боровинки и јагоди.