Русија воведе нови мерки за мигранти, полицијата од март ќе може да влегува во нивните домови


Од март 2025 година, руските полицајци ќе имаат право слободно да влегуваат во домовите во кои живеат мигранти. Овие мерки ќе важат за странците кои се под режим на протерување, пренесува info24.ru.

Според одредбите на законот, кој стапува на сила на 5 март, полициските службеници ќе можат да бараат информации и документи од државните органи и органи на други земји за да вршат државен надзор над мигрантите. Конкретно, тие ќе можат да бараат информации кои вклучуваат деловни, банкарски, даночни или други тајни заштитени со закон.

Според инфо24, спроведувањето на ваквите мерки ќе се овозможи со помош на технички средства. Оваа одредба се однесува и на физички и на правни лица кои обезбедуваат помош на таквите мигранти за време на нивниот престој на територијата на Русија. Полициските службеници ќе можат да користат податоци од мобилни уреди, геолокациски и платежни системи.

Од 5 март стапува на сила миграцискиот режим за протерување на странци или лица без државјанство кои се илегално на територијата на Русија или кои ги прекршиле законите на земјата. На таквите мигранти ќе им бидат ограничени одредени права и слободи, а против нив ќе бидат применети мерки на федерален државен надзор во сферата на миграцијата, пренесува ТАСС.

Претходно беше најавено дека илегалните мигранти во Руската Федерација мора да ја напуштат земјата или да го регулираат својот правен статус во рок од четири месеци, до 30 април. Соодветниот декрет беше потпишан од рускиот претседател Владимир Путин.