Русија воведе директни комерцијални летови меѓу Москва и Пјонгјанг


Москва – Русија денеска воспостави редовна воздушна врска меѓу Москва и Пјонгјанг, што е уште еден показател за сè поблиските односи меѓу двете земји.

Првиот лет на рускиот авиопревозник „Нордвинд“ (Nordwind) полета од московскиот аеродром Шереметјево, превезувајќи над 400 патници. Руското Министерство за транспорт соопшти дека ќе има по еден лет месечно за да се одговори на зголемената побарувачка.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој неодамна го посети новото севернокорејско одморалиште Вонсан-Калма на брегот, каде се сретна со лидерот Ким Џонг Ун, изјави дека ќе ги охрабри руските туристи да го посетат комплексот.

Одморалиштето, со капацитет од 20.000 посетители, е дел од напорите на севернокорејското раководство за развој на туризмот и подобрување на тешката економска состојба.

Северна Кореја постепено ги укинува ограничувањата воведени за време на пандемијата на коронавирусот и повторно ги отвора своите граници по фази. Засега, не е јасно дали земјата целосно ќе го обнови меѓународниот туризам.

Инаку, редовните летови меѓу Владивосток и Пјонгјанг беа обновени во 2023 година, по прекин предизвикан од пандемијата.

Русија и Северна Кореја последниве години значително ги зајакнаа воените и други облици на соработка, а Пјонгјанг, според западни извори, доставува оружје и човечки ресурси за поддршка на руската воена операција во Украина.