Русија незаконски префрлила 2.389 деца од Украина на својата територија


Министерството за надворешни работи на Украина соопшти дека руските окупациски сили илегално префрлиле 2.389 деца на територијата на Руската Федерација од привремено окупираните области на регионите Доњецк и Луганск.

„Насилното префрлање на цивили, вклучително и деца, на територијата на државата агресор е грубо кршење на меѓународното право, особено на меѓународното хуманитарно право“, велат дипломатите.

Со уништување куќи и убивање родители, Русија ги лишува украинските деца од родителска грижа и ги става нивните животи во дополнителна опасност во Русија.

„Ја повикуваме меѓународната заедница веднаш да одговори на нелегалното префрлање на деца, да го засили притисокот врз Русија да стави крај на варварската војна против украинскиот народ“, нагласи украинското МНР.

Киднапирањето на деца, како и стотици други злосторства извршени од руските окупатори врз цивилите во Украина, се внимателно документирани од агенциите за спроведување на законот.

Руските сили, според најновите информации, досега убија 117 деца, а само вчера при нападот на хуманитарниот конвој кој тргнал од Мариупол раниле четири кои се пренесени во болница, а двете од нив во многу тешка состојба. Опсадата на Мариупол ја предводи рускиот генерал Михаил Мизинцев, кој ја предводеше операцијата во Сирија. Тој нареди да се бомбардираат породилиштето, детска болница, драмскиот театар и цивилните објекти за живеење.

Поради многуте деца што се останати без родители или тие се повредени или на фронт, Канцеларијата на украинскиот претседател создаде чет-бот „Детето не е само“. Тоа дава можност да се најде исчезнато дете или да се остави барање за помош  околу децата, односно некое од нив да се згрижи привремено во друго семејство. Првенствено таква потреба има за децата на воениот персонал или на деца чии родители им е потребен долгорочен медицински третман. Повеќе од 12 илјади украински семејства веќе поднеле барање за згрижување на дете.