Русија негира дека извршила напад врз железничка станица во Краматорск


Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека не извршиле напад врз железничка станица во источна Украина, за кој локален спасувач изјави дека се убиени најмалку 35 луѓе.

– Сите изјави на претставниците на националистичкиот режим во Киев за „ракетниот напад“ наводно извршен од Русија на 8 април на железничката станица во градот Краматорск се провокација и се апсолутно невистинити, се вели во соопштението на Министерството објавено на Телеграм.

– Потенцираме дека тактички проектили Точка-У, чии делови беа пронајдени во близина на железничката станица Краматорск и објавени од очевидци, ги користат само украинските вооружени сили, додаваат од Министерството.

– На 14 март 2022 година, дивизија на 19-та одделна ракетна бригада на Вооружените сили на Украина го нападна центарот на Доњецк со слична ракета Точка-У, при што загинаа 17 лица на лице место, а беа повредени уште 36 цивили, тврди руското Министерство за одбрана. 

При гранатирањето на железничката станица во Краматорск присутни биле околу 4.000 луѓе, од кои повеќето жени, деца и постари лица, изјави градоначалникот на градот. Според извештаите на локалните медиуми, во нападот загинале најмалку 30 луѓе, а над 100 се повредени.

Во вознемирувачки развој на настаните, како што оценува Скај њуз, на проектилот што ја погоди железничката станица во Краматорск се чини дека се зборовите „за децата“.

 Шефот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел ја обвини Русија за „застрашувачкиот“ ракетен напад на железничката станица.

„Ужасно е да се види како Русија удира на една од главните станици што ја користат цивилите кои се евакуираат од регионот каде Русија го засилува својот напад“, напиша Мишел на Твитер.

Нападот го осуди и шефот на дипломатијата на Европската Унија, Жозеп Борел.

„Силно го осудувам нападот од утринава…од страна на Русија“, објави Борел на социјалната мрежа.