Русија ја нападна со 122 ракети Украина, најсилен бараж од почетокот на војната
Во нападот низ цела Украина беа користени и балистилки и крстосувачки ракети, како и 36 дронови. Загинаа најмалку 18 цивили
Русија лансираше 122 проектили и 36 дронови против украински цели, соопштија официјални лица во петокот, при што загинаа најмалку 18 цивили низ целата земја. Како што рече претставник на воздухопловните сили, ова е најголемиот воздушен бараж во 22-месечната војна.
Украинската авијација пресретнала 87 проектили и 27 дронови од типот „Шахед“ во текот на ноќта, изјави началникот на украинската војска Валериј Залужни.
Командантот на воздухопловните сили Микола Олешчук на својот официјален канал Телеграм напиша: „Најмасовниот воздушен напад“ од целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
Според украинските воздухопловни сили, претходниот најголем напад бил во ноември 2022 година кога Русија лансираше 96 ракети против Украина. Оваа година, најголемиот напад беше со 81 проектили на 9 март, покажуваат податоците на воздухопловните сили.
Борбите долж линијата на фронтот во голема мера се заглавени од зимското време, откако летната контраофанзива на Украина не успеа да направи значителен пробив долж линијата на контакт долга околу 1.000 километри.
Украинските власти ги повикаа западните сојузници на земјата да ѝ обезбедат повеќе воздушна одбрана за да се заштитат од воздушни напади како оној од петокот. Нивните апели дојдоа како знаци на замор од војната ги оптоваруваат напорите да се одржи поддршката.
Западните официјални лица и аналитичари предупредија дека Русија ги ограничила нападите со крстосувачки ракети во последниве месеци во очигледен обид да собере резерви за масовни напади во текот на зимата, надевајќи се дека ќе го скрши духот на Украинците.
Најмалку 86 лица се повредени, а непознат број се затрупани под урнатините за време на околу 18-часовниот напад, соопштија украинските власти. Меѓу зградите кои се пријавени дека се оштетени низ Украина се и породилиште, станбени блокови и училишта.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека силите на Кремљ користеле широк спектар на оружје, вклучувајќи балистички и крстосувачки ракети.
„Денес Русија го користеше речиси секој вид оружје во својот арсенал“, рече Зеленски на социјалната мрежа Икс.
Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат рече дека Русија во нападот„очигледно лансирала сè што имала“, освен ракетите „Калибр“ што се лансираат од од подморница.
Воздушниот напад што започна во четвртокот и продолжи во текот на ноќта погоди шест градови, вклучувајќи го главниот град Киев и други области од исток кон запад и север до јужна Украина.
Извештаи за загинати и штети пристигнаа од целата земја.
Во Одеса, на јужниот брег, остатоците од дронот што паѓаа предизвикаа пожар во повеќекатната станбена зграда, според регионалниот шеф Олех Кипер. Две лица загинаа, а 15, меѓу кои две деца, беа повредени во текот на нападот во Одеса, рече тој.
Градоначалникот на западниот град Лавов, Андриј Садови, изјави дека едно лице загинало, а осум се повредени, а три училишта и една градинка биле оштетени во напад со дрон во регионот.
Неколку десетици проектили беа лансирани кон Киев во текот на ноќта, при што повеќе од 30 од нив беа пресретнати, изјави Серхи Попло, шеф на воената администрација во Киев. Нападот предизвика пожар во магацин во квартот Подил во главниот град, каде што, наводно, пет лица биле извлечени од урнатините.