Русија го нападна повторно Киев


 Четири експлозии се регистрирани денеска утрото во украинскиот главен град Киев, при што е погоден станбен комплекс во близина на центарот на градот, предизвикувајќи пожар, јавија западни медиуми.

Експлозиите се случија околу 6:30 часот по локално време (03:30 GMT), половина час откако се огласија сирените за воздушен напад во главниот град.

„Неколку експлозии се регистрирани денеска наутро во украинскиот главен град Киев, по што итните служби се распоредени во градската област Шевченко…Во две згради во тек е спасување и евакуација на жителите“, објави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.

Според информациите од Украина, ракетите завршиле во станбена зграда и притоа најмалку пет лица се повредени.Погодена е зграда на девет катови.

Украинските власти нагласија дека станува збор за руски ракетен напад, а градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко го опиша нападот како обид да се заплаши Украина во пресрет на самитот на НАТО.

Се верува дека под урнатините на зградата има затрупани луѓе. Од таму спасени се седумгодишно девојче и неговата мајка, јави ДПА.