Румена Филипова: Граѓаните да станат свесни за процесот на развивање на дезинформациите


Дезинформациите за бугарско-македонските односи се вообичаено детерминирани од политичкиот календар на билатералните односи: Румена Филипова

Румена Филипова од бугарскиот Центар за проучување на демократијата во интервју за МИА вели дека клучен инструмент преку кој Русија ги шири своите пропагандни пораки е употреба на политичко-економска моќ врз локалните олигарси

 

Граѓаните треба да станат свесни за целокупниот процес на развивање една дезинформација. Првично граѓанинот треба да стане свесен од каде потекнува одредена информација, која може да претставува дезинформација, и потоа треба да го следи нејзиниот натамошен тек. Важно е да се забележи кој медиум ја објавува, како прогресира, различните медиуми, кои потоа ја пренесуваат, реобјавуваат информацијата, видот ангажман на социјалните медиумирежи, делови од овие информации што стигнуваат на социјалните мрежи. Сето ова е со цел луѓето да станат свесни за процесот преку кој се врши влијание врз нив.

Ова во разговор за МИА го потенцира Румена Филипова од бугарскиот Центар за проучување на демократијата, која сподели со нас дел од истражувањата што ги спровеле.

Колку е поголема политичко-економска заплетканост со (про)руските групи и интереси, толку поедноставно медиумот ги пренесува руските наративи преку експлицитни техники за презентација. Клучен инструмент преку кој Русија ги шири своите пропагандни пораки е употреба на политичко-економска моќ врз локалните олигарси, кои делуваат како полномошници на Кремљ и ги контролираат уредувачките и управувачките тела на влијателни национални медиуми.

Ова се дел од истражувањата на Центарот, со чиј претставник, Филипова, МИА имаше можност да разговара за време на нејзината посета на Скопје, каде што таа неодамна учествуваше на дебатата „Штетното влијание на дезинформациите“, во организација на граѓанската асоцијација МОСТ.

Истрагите на Центарот покажале дека една шема што се повторува во земјите од регионот на Црно Море, но исто така и на Балканот и во Централна Европа.

Конкретно во случајот со Бугарија, комбинираните последици од дигитализацијата и финансиската и економската криза од 2008 година довеле до одлив на странски инвеститори, чие место го зазеле локалните групи олигарси, кои презеле контрола врз најголем дел од бугарските медиумски компании. Проруската пропаганда добила функција да работи во служба на такви политичко-олигархиски интереси и зависности, вели Филипова во интервјуто за МИА.

Во овие истражувања се воведуваат термините „цврста“ и „мека“ моќ. „Цврста моќ “ е поим што го разработиле Кристофер Вокер и Џесика Лудвиг заради разликување од „меката моќ“. „Мека моќ“ првично е дефинирана од страна на Џосеф Нај за да се означи способноста на земјата да влијае врз други преку привлечната или убедувачка моќ на нејзината култура, вредности и примамливоста на нејзиниот демократски политички систем, спротивно на „цврстата моќ“, што вклучува употреба на принуда и закани (воени или економски) за да се постигне одредена цел.

„Цврстата моќ“ исто така користи информативни и културолошки алатки, што не претставува целосна воена и економска принуда, но на крајот целта е сеење манипулација и дезинформации. Според авторите она што досега се сметало како авторитативна „мека моќ“ подобро може да се категоризира како „цврста моќ“, што продира, пенетрира или перфорира во политичките и информативни средини на земјите.

Вие сте експерт за руско влијание во Европа, може ли да ни кажете повеќе за вашите истражувања, каква е моменталната состојба?

Во Центарот за проучување на демократијата се фокусираме на истражување на прашањето на руското влијание во Европа, а посебно сме фокусирани на руските дезинформации, руското влијание во сферата на медиумите во различни региони, вклучувајќи го и регионот на Црно Море, но исто така и Централна Европа, Западна Европа и Балканот. Нашиот главен пристап е поврзан со идентификување на сличностите во руското влијание, вклучуваќи ги заедничките цели, инструменти и наративи, кои се користат во регионите. Но исто така и специфичностите и локализацијата на руската пропаганда, бидејќи имаме вклучување процеси за локално адаптирање на руското генерално влијание, наративи и инструменти на национална и регионална основа.

Една од клучните важни поенти на кои се фокусираме е инструментот што Русија го користи во испраќање на пропагандните пораки, кои се насочени кон етаблирање на политичката и економска контрола на клучните локални „полномошници“ на олигарсите, кои ги контролираат уредувачките и менаџерските тела во националните медиуми.

Во која мера е присутно влијанието на руските медиуми во Северна Македонија, дали имате некакви истражувања од овој тип?

Тоа е дел од студијата што во моментот ја изработуваме за острото руско влијание, кое се манифестира преку феноменот на „заробување“ на медиумите и на доброто владеење и демократски развој и неговиот негативен ефект во осум земји од Југоисточна Европа. Тоа е процес што е во тек на истражување, во кој се вклучени и нашите партнери од Северна Македонија, и нашите наоди ќе ги споделиме во септември оваа година, така што бидете подготвени.

Луѓето отсекогаш биле под некакво влијание, руско, од други земји, влијание во самата земја, единствено нешто што е сменето се начините и средствата со кои тоа се прави. Информациите воопшто денес можат да допрат по поголеми групи граѓани со употеба на напредната технологија. Како обичниот човек може да процени што е во негов интерес?

Со оглед на тоа што тие информации се прошируваат, луѓето не се добро опремени да препознаат пропаганда, а за да се случи тоа НВО-секторот треба да игра клучна улога, важно е она што го прават граѓанските организации со цел да помогнат во развојот на медиумската писменост, преку кампањи за подигнување на свеста. Пред сè невладините организации ќе помогнат со анализите и извештаите, кои ги продуцураат за да им овозможат на граѓаните концептуални алатки да ја препознаат пропагандата, вклучувајќи и легитимни и нелегитимни извори на информации, типови наративи, пропагандни наративи. Исто така какви медиуми посетуваат, референци, цитати, на пример ќе биде сомнително ако наративот оди во насока само руски официјални претставници да ги коментираат односите со Западот, без да се обезбеди натамошен контекст. Значи обезбедување концептуални алатки и десеминација на знаењето е важно, но исто така и практични тренинзи на новинарите треба да се спроведуваат заради истиот ефект. Новинарите да бидат способни да препознаат пропаганда, но и пред сè да ја разоткријат, да најдат соодветен начин за разоткривање на странското негативно влијание. Понекогаш мислам дека и технолошкото дијагностицирање може да се користи, вообичаено има ИТ-експерти и тесен круг експерти, но ова знаење може да се прошири на публиката за да станат свесни за начинот на кој се развива една дезинформација. На пример, од каде потекнува, од кој медиум, како прогресира, различните медиуми, кои потоа ја пренесуваат, реобјавуваат информацијата, видот ангажман на социјалните мрежи, делови од овие информации што стигнуваат на социјалните мрежи. Сè со цел луѓето да станат свесни за процесот преку кој се врши влијанието врз нив.

Како Бугарија се справува со лажните вести?

Уште еднаш ќе кажам дека најважната улога ја има цивилното општество, невладините организации, НВО-секторот и, како што кажав претходно, мислам дека ова е дел од општество што предводи во борбата против дезинформациите, аналитички, технолошки и исто така преку обуки на клучните во борбата против лажни вести.

Во врска со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, двете земји потпишаа Договор за добрососедство. Дали има многу лажни вести во Бугарија во однос на Договорот и во однос на напорите на двете страни да ги подобрат односите?

Најпрво да кажам дека дезинформациите за бугарско-македонските односи се вообичаено детерминирани од политичкиот календар на билатералните односи, значи не се константа, но зависат од конкретни настани во билатералните односи. Во однос на Договорот всушност имаше многу позитивно известување од страна на бугарските медиуми за перспективите на движење во насока на вин-вин соработка, наспроти несогласувањата, особено за историските прашања. Можам да кажам дека имаше некаква возбуденост во медиумите во однос на Договорот, но во одредени моменти на падови може да се каже дека сè уште има влијание од локалните националисти и проруските кругови, кои всушност забележуваат на фактот дека Договорот не е „доволно цврст“ во однос на Македонија, во контекст на тоа дека Бугарија можеби можела повеќе да ги брани своите политички и економски интереси и да ја брани својата историја. Но пред сè во врска со односите меѓу Бугарија и Македонија, македонската стратегиска улога на Балканот, тие кругови што ги споменав ја промовираат тезата за важноста на економизација на проблемите на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан, значи велат дека само преку економска, прагматична економска сорабока со Русија и Кина може да се решат проблемите на регионот на начин на кој тоа не може да се постигне со влезот во ЕУ и европските интеграции. (МИА)