Румен Радев одбил да се сретне со Сиљановска во Рим, но ја поканил во Софија


Румен Радев во Ватикан

Бугарскиот претседател Румен Радев одбил да се сретне со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Рим, каде и двајцата се во посета по повод 24 мај, но ја поканил да ја посети Бугарија.

 „Република Северна Македонија мора да покаже дека навистина сака да биде дел од oбединета Европа со исполнување на сите барања за членство, како што тоа го направи секоја земја од Европската унија“, рече Радев пред новинарите во Рим.

„Мојата порака до претседателката на Северна Македонија е дека Бугарија очекува промена во реториката и конечно крај на јазикот на омразата“, додаде тој.

„Позитивен знак е што претседателот на Република Северна Македонија покажал желба за ваква средба“, одговорил Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим. „Очекувам, нагласил Радев, дека таква средба ќе има наскоро“.

Прашан дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија, Радев одговорил „Ја поканувам, секако“.

„Сметам дека желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија“, изјавил Радев.

Од зборовите на Радев стана јасно дека Сиљановска испратила покана за средба со шефот на бугарската држава во Рим, но таа не се одржала бидејќи неговиот распоред бил пренабиен.

Румен Радев ја предводи бугарската делегација во Ватикан во пресрет на празникот Свети браќа Кирил и Методиј – 24 мај. Тој беше примен на аудиенција кај папата Франциско, а во исто време во Ватикан престојува и македонска делегација, предводена од Гордана Сиљановска-Давкова.

Сиљановска на македонските новинари во Рим им рече дека поради неусогласеност на агендите на двајцата претседатели не дошло до средба.

„Изразивме подготвеност, но до средба нема да дојде. И двете делегации имаме агенда, меѓутоа рековме дека час поскоро, во првиот можен момент, ќе ја реализираме средбата“, изјави таа.