Роза Бојанова и Ристо Василевски – лауреати на „Книжевен жезол“ на ДПМ за 2026
Друштвото на писателите на Македонија информира дека лауреати на наградата „Книжевен жезол“ за 2026., годината во која ова меѓународно признание одбележува јубилеј – три децении постоење, и кое Друштвото го доделува за поетски опус на еден домашен и на еден странски автор, се реномираната бугарска поетеса Роза Бојанова и македонскиот поет академик Ристо Василевски.
– Роза Бојанова има свој посебен поетски код по кој е препознатлива. Специфично за нејзината поетика е употребата на стилски експресивни средства, особено алегории и метафори. Авторката гради сложени поетски слики, во кои се комбинираат мноштво визуелни, аудитивни и тактилни претстави, преку кои се реализира лирското јас. Поетскиот стил се карактеризира со интелектуална густина, со егзистенцијална тензија и со симболичност, а емоцијата не е директно исповедана, туку посредувана преку концепти, метафори и структурни спротивности. Тоа се песни што влегуваат во конфликт со нашето брзање, поради кое не можеме да ги видиме најсуштинските нешта во животот. Така, тоа се песни што пробиваат и удираат во нерв, принудувајќи нè да се соочиме со материјата и да сфатиме дека таа е во суштина време, се вели во соопштението од ДПМ.

Роза Бојанова работи во областа на културата. Предавала креативно пишување на Бугарскиот независен Универзитет. Има објавено над 40 книги за деца напишани од нејзините дипломирани студенти од Шумен и Бургас, како и самостојни книги од возрасни уметници, учесници во литературното студио. Составувач и уредничка на антологии и зборници објавени во Бугарија и во странство. Учествувала на Струшките вечери на поезијата во Струга. Член е на Словенската литературна и уметничка академија во Варна и на Меѓународната литературна академија „Ориент–Окцидент“ во Букурешт. Добитничка е на национални и на меѓународни книжевни награди, меѓу кои: националната награда „Владимир Башев“, националната награда за лирика „Иван Пејчев“, македонската книжевна награда „Дедал“, меѓународната поетска награда „Неказано“ во Бар, Црна Гора, меѓународната награда за поезија „Ацо Караманов“ во 2025 година во Радовиш, како и на наградата „Златен Пегаз“ за животно дело.
Творештвото на академик Ристо Василевски се одликува со сложен, слоевит и концепциски прецизен поетски израз, во кое преовладува силна мисловност и рефлексивност. Неговата поезија се развива низ постојано продлабочување – од пообемни, наративно отворени песни, кон згуснат прочистен и економичен израз. Во основата на неговото творештво стои стремежот кон создавање цврста песна што може да му спротивстави на егзистенцијалниот немир, историските потреси и духовната несигурност на современиот свет.

Клучна особеност на Василевски е балансирањето меѓу личното и колективното искуство. Неговите песни често ја допираат границата меѓу интимното и историското, при што колективните трауми, општествените кризи и балканските искуства се преточени во лирски јазик што ја задржува уметничката автентичност. Паралелно со оваа линија, во неговото творештво се развива и една посуптилна поетика, насочена кон суштинските прашања на постоењето, јазикот и самата поезија. Во тие песни доаѓа до израз неговото чувство за форма, каде што поетскиот минимализам создава силни симболички и филозофски значења. Особено значајна е темата на духовноста и „храмот“ како културен и егзистенцијален простор, но и роднокрајниот напев кој е проткаен со впечатлива лиричност.
Наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ е основана во 1996 г. во време кога претседателка на ДПМ била Светлана Христова-Јоциќ, а нејзини први лауреати биле францускиот поет и критичар Жак Гошрон и нашиот поет и препејувач Матеја Матевски. Оттогаш, добитници на наградата се триесетина македонски поети, но исто така и поети од голем број земји од Европа и од светот. Наградата „Книжевен жезол“ се состои од статуетка и од плакета, кои оваа година ќе им бидат врачени на лауреатите на свечена церемонија што ќе се одржи на 20 јуни 2026 гoдина во ДПМ. На свеченоста ќе бидат одржани и беседи за добитниците на „Книжевен жезол“, а ќе бидат интерпретирани и нивни стихови.