Рововска битка за минимална плата

Владата, тоа станува сѐ поочигледно, нема намера да ги исполни барањата на претставниците на работниците, префрлајќи ја топката на преговорите меѓу работодавачите и синдикатите, а таа самата се стави во улога на „олеснувач“


Сѐ поизвесно е дека минималната плата ќе се зголеми за околу 1.800 денари, односно онолку колку што следува според постојното законско решение, а не како што бараат синдикатите таа да достигне околу 30 илјади денари или 500 евра.

Владата, тоа станува сѐ поочигледно, нема намера да ги исполни барањата на претставниците на работниците, префрлајќи ја топката на преговорите меѓу работодавачите и синдикатите, а таа самата се стави во улога на „олеснувач“. Кој, всушност, и нема намера нешто да олесни, бидејќи категорично го отфрли предлогот (што го прифатија и рабодавачите и синдикатите) зголемувањето на минималецот на 500 евра да биде помогнато со субвенционирање на придонесите од страна на државата.

„Во Буџетот нема предвидено пари за субвенции на придонесите“, гласеше одговорот на премиерот Христијан Мицкоски.

Паралелно со ова, од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се исфрлаат канонади обвинувања кон претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов дека е „нелегитимен претседател“, кон ССМ во целина, дека е во коалиција со опозициските СДСМ, ДУИ и Левица (кои исто така се залагаат за зголемување на минималецот на 500 евра), се калкулира и со репрезентативноста на ССМ, а со тоа и со неговото учество во Економско социјалниот совет, што исто така е уште една сопка во изнаоѓањето решение кое ќе биде поповолно од она што го предвидува постојниот закон за минимална плата, па дури се загрозува и таквото решение бидејќи според законот, минималната плата ја предлага Министерството за економија и труд по претходна согласност од Економско социјалниот совет. Ова некои го толкуваат и како уште еден притисок или маневар да се изиграат барањата на синдикалците за минималнатат плата.

Во оваа рововска битка за минималната плата, најпогодени се оние кои најмалку го заслужуваат тоа – околу 22 илјади лица кои се на минималец и кои што не знаат како да излезат на крај со месецот, во услови кога цените (и покрај владините мерки) сепак наоѓаат начин да растат.

Минималната плата се пресметува според методологија која претходната Влада, синдикатите и работодавачите ја усогласија пред две години. Тогаш тие се договорија дека годишното усогласување на минималната плата ќе се прави врз основа на растот на просечните плати и растот на трошоците за живот, односно инфлацијата според принципот пола – пола. Како новина беше вметнат и условот минималецот да не биде понизок од 57 отсто од просечната плата во државата.

За некои економисти проблемот со минималната плата е токму поради нејзиното годишно усогласување. Односно, фактот дека просечната плата може да расте секој месец, но минималната еднаш годишно.

На ова деновиве укажа универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски во дебатна емисија на ТВ 24, при што објасни дека ваквиот пристап создава дополнителен јаз во општествотo меѓу оние кои се на минимална плата и другите кои имаат повисоки плати.

Уште повеќе, ако се знае (а тоа економистите го имаат докажано и со бројки) дека движењата на цените се подинамични кај производите кои ги купуваат лицата со пониски примања отколку полуксузните продукти од истата категорија производи. Па така, ако просечната инфлација е 4-5 отсто, за оние со минимални примања, таа може да биде и двојно повисока. Тоа прави 
дополнителен проблем.

Кај нас Џини индексот, кој е најдобар показател за раслојувањето во општеството, е еден од највисоките во Европа, а со сегашниот пристап кон минималната плата, раслојувањето дополнително може да се зголеми.

Еден од аргументите на власта, кој не треба да се пренебрегне, е влијанието на порастот на платите врз инфлацијата, доколку тоа не е проследено со раст на продуктивноста.

СДСМ на пример, во својот предлог презентиран деновиве, отиде чекор понатаму па предложи зголемување на платите од 3.000 до 15.000 денари за 400 илјади вработени, а притоа придонесите да се замрзнат за да не бидат на товар на приватните работодавачи. Според нивните пресметки, ако се земе просек од 7.500 денари зголемување на платата, за ова годишно ќе бидат потребни 585 милиони евра кои „директно би оделе во џебот на вработените“.

Од Владата предупредуваат дека тоа ќе ја разгори инфлацијата. Дел до економистите се повикуваат и на неодамнешниот извештај на ММФ за нашата земја. Во него се сугерира внимателно зголемување на платите, но исто така и на пензиите за што препорачуваат враќање на старата формула за нивно индексирање со инфлацијата. Тоа е порестриктивно дури и од решението кое ќе се применува од наесен (откако ќе се заврши циклусот на линеарно зголемување на пензиите од два пати по 2.500 денари), според кое усогласувањето се прави врз основа на т.н. швајцарски модел, односно 50 отсто според порастот на трошоците на живот (инфлацијата) и исто толку според порастот на платите.

Дека Владата нема исти критериум кога станува збор за порастот на пензиите (што беше нивно најсилно предизборно ветување) и за минималната плата (иако и тука ветуваа подобри времиња), се гледа токму од аргументот за влијанието врз инфлацијата. Прашање е како инфлацијата ќе се разгори поради пораст на минималната плата за 22 илјади вработени, а тоа нема да го стори линеарното зголемување од нови 2.500 денари за над 320 илјади пензионери?

На овие предизвици повеќе пати укажуваше и Фискалниот совет, но Владата нема избор освен да го реализира даденото ветување за пензионерите, освен ако не сака да се соочи со нивниот гнев, што секако нема да си го дозволи во годината кога се одржуваат локални избори.

Секако, треба да се има предвид дека зголемувањето на минималната плата ќе повлече верижен пораст и на другите примања во државата, но од друга страна, притисокот од цените сѐ потешко се издржува, особено кај оние со минимални примања.

Наместо да се фати во костец со суштинските проблеми во земјава, како што се сивата економија и корупцијата, на Владата како да ѝ е полесно да одолговлекува со репрезентативноста на синдикатот, со релативизирање на барањата за минимална плата (ставајќи се во улога на пасивен набљудувач, иако и таа е работодавач за армија вработени во администрацијата). Но, и со проблематизирање на содржината на синдикалната потрошувачка кошница (која е направена токму со цел синдикатот да има алатка со која ќе притиска да се зголеми минималната плата) со квалификации дека во зима не се јаделе некои овошја или дека четиричлено семејство во кое има две деца не можело да испие одредено количество млеко, иако и простата математика го покажува спротивното.

Во меѓувреме, Државниоот завод за статистика денеска објави дека инфлацијата во февруари годинава во однос на истиот месец лани е пет отсто. Уште еден аргумент повеќе дека проблемот со минималецот не треба да се трга на страна.