Романот „Дива лига“ на Влада Урошевиќ објавен во Црна Гора


Фото: Б. Грданоски

Неодамна, црногорскиот издавач „ОФК“ (Отворен културен форум) од Цетиње, го објави романот „Дива лига“ од македонскиот поет, раскажувач и романсиер Влада Урошевиќ. Романот е објавен во големата позната едиција „100 словенски еомани“, проект на тринаесет словенски земји со цел подобро запознавање и зближување на книжевностите на словенските народи. Овој проект го координира Форумот на словенските култури со седиште во Љубљана. Преводот на романот „Дива лига“ на црногорски е на Ненад Вујадиновиќ.

Академик Влада Урошевиќ (Скопје, 1934) спаѓа во елитната група македонски книжевни творци. Неговите поетски, прозни и есеистички дела се високо вреднувани, наградувани со највисоки награди и преведувани на повеќе европски јазици. Во врска со неговиот роман „Дива лига“, Влдимир Мартиновски ќе напишпе дека ако ја имаме предвид иновантната димензија на другите романи на Влада Урошевиќ, „без голем ризик би можеле да констатираме дека со романот Дива лига овој автор инаугурира уште еден нов модел во македонскиот современ роман, вешто поигрувајќи си со жанровските координати и со жанровските  „хоризонти на очекување“.

„Дива лига“ зборува за потрагата, по изгубеното злато, изгубените археолошки локалитети на територијата на Македонија и разоткривање на чудни и луди теории. По откривањето на неверојатните историски настани самиот автор потенцира на нивната нејасност и заплетканост. Од сите измешани работи едно е јасно, а тоа е дека никој не може да знае каде е вистината кога станува збор за историја.

Притоа, во улогата на читател и интерпретатор, археологот го интересираат  „второто, подлабокото значење“, „затемнетата симболика на нештата“, како и одгатнувањето на   „длабоко зашифрираните пораки“. Во овој контекст, нараторот констатира:  „Како и секогаш во овие простори, знаците се допираа, се мешааа и се преплетуваа, носејќи ги своите пораки од далеку и мрморејќи ги на уво на оној што беше спремен да застане и да ги слуша (…) Но слоевите тука се мешаат, преземајќи белези од минатото и пренесувајќи ги кон други времиња, преплетувајќи се во еден тешко разбирлив палимпсест.“