„Ролингстоун“ бара „мисловни лидери“ кои ќе платат по 2.000 долари за да пишуваат за магазинот


Списанието „Ролингстоун“ им нуди на „мисловните лидери“ шанса да пишуваат за неговата веб-страница доколку се подготвени да платат 2.000 долари за „да ја кројат иднината на културата“.

Списанието, кое објави новинарски текстови од писатели, меѓу кои се Пети Смит и Том Волф, им се обрати на идните членови на својот нов „Совет за култура“ преку е-пошта, велејќи им дека имаат шанса да се приклучат „само по покана на заедницата за иноватори, влијатели и креатори на вкусот“.

„Гардијан“ пишува дека оние кои ќе го поминат процес на проверка – и ќе плаќаат годишна такса од 1.500 плус 500 долари – „ќе имаат можност да објават оригинална содржина на веб-страницата на ‘Ролингстоун’“. Тоа сугерира дека „им се овозможува на членовите да се позиционираат како мисловни водачи и да ја споделат својата експертиза“.

Таа порака е засилена со веб-страницата на Советот, која под наслов „Објавувај“ им кажува на идните членови: „Објавувањето во еден од најпознатите забавни медиуми во светот ве издвојува како визионер, водач и смел глас во вашата индустрија“.