Родители во Љубљана го пријавиле сопственото дете поради петарди. Полицијата ги пофали
Како што пренесува словенечкиот N1, родителите од Љубљана кај нивното дете пронашле пиротехнички средства, кои тоа ги купило без нивно знаење, а тие самите ја повикале љубљанската полиција.
„Со своето одговорно однесување дефинитивно му дадоа пример на детето и спречија евентуални повреди“, ги пофали љубљанската полиција и додаде дека се работи за речиси 400 парчиња пиротехнички производи.
Во Словенија употребата на пиротехнички средства е дозволена за физички лица од 26 декември до 1 јануари заклучно, а продажбата од 19 декември до 31 декември.
„Родителите имаат важна улога“
Од љубљанската полиција велат дека голем акцент ставаат на превентивните мерки за намалување на употребата или безбедната употреба на пиротехнички средства кои ги спроведуваат заедно со училиштата и другите институции.
„Затоа секоја година одржуваме неколку предавања на таа тема во основните училишта“, објаснуваат тие.
Нагласија и дека родителите имаат важна улога во информирањето на малолетниците за опасностите од пиротехниката.
„Важно е да разговараат на оваа тема и да ги предупредат децата за опасностите и последиците од употребата на пиротехнички производи“, додаваат од Управата на полицијата во Љубљана.