Роботи делумно ќе ги заменат хирурзите во Виена
Виена- Роботи делумно ќе ги заменат хирурзите во Виена при помали операции, најавија градските власти. Како што наведоа, се почести се минимално инвазивните операции, што е предност и за пациентите и за хирурзите. Малите засеци овозможуваат да се постигнат подобри естетски резултати и да се намали болката по операцијата.
Хирурзите повеќе не се на операционата маса, туку управуваат со конзола додека гледаат во екранот. Тридимензионалната слика со висока резолуција обезбедува десеткратно зголемен приказ.
Тие најавија дека првата роботска операција ќе биде извршена во средината на април во клиниката „Донаустад“. Во урологијата, хируршки робот се користи за интервенции како операција на тумор на бубрег или операција за замена на мочниот меур.
За одделенијата за урологија, општа хирургија, ОРЛ и гинекологија за неколку клиники во Виена ќе се купат шест роботи со вкупна вредност од 12 милиони евра. Набавката на роботите опфаќа двомесечна обука за хирурзите кои ќе ги користат, јавуваат австриските медиуми.